Македонија
4. May 2018 - 12:53

Манчевски: Целта е професионална и деполитизирана администрација

Претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествуваа на денешното отворање на меѓународната конференција што на тема „Управување со јавниот сектор - предизвици и перспективи“ ја организираа Факултетот за современи општествени науки во соработка со Институтот „Макс ван дер Штул“ во рамките на Универзитетот на Југоисточна Европа  во Тетово.

Според министерот Манчевски, реорганизацијата на јавната администрацијата е процес што ќе трае постојано за да се остане во тек со технолошките иновации во животот и работата.

- Целта на оваа реорганизација е да се обезбедат подобри, побрзи, поефикасни и поевтини услуги за граѓаните. Затоа е и направена новата стратегија за реформа на јавната администрација во која се адресирани голем дел од проблемите за кои зборуваат граѓаните. Таа првпат досега е со конкретен акциски план, индикатори преку кои ќе може да се следи колку е исполнета и обезбеден буџет и од домашни извори, но и со странска помош. Во Македонија ние и досега сме имале многу стратегии за реформа на администрацијата, но останале буква на хартија без конкретен акциски план, индикатори и необезбедено финасирање. Сега секоја институција знае што треба на направи, рече Манчевски.

Тој посочи дека според расположивите податоци во државава има околу 1300 институции каде има вкупно околу 140 илјади вработени, во кои се вклучени и оние од акционерските друштва во државна сосптвеност како и тие со договори на дело.

- Сето ова покажува дека станува збор за комплексен систем  што треба фокусирано и комплексно да се управува. Главна цел е јавната администрација да стане професионална и деполитизирана и согласно стратегијата што е за период 2018-2022 година ние сме на почетокот, но дел од главните мерки особено во процесот на дигитализацијата граѓаните ќе ги видат веќе оваа година како електронскиот регистар на население, новиот национален портал за електронски услуги, електронскиот идентитет којшто ќе го добијат граѓаните, изјави Манчевски.

Според него, по утврдување на потребите и вишоците во сегашната поставеност на јавната администрација, во тек е вертикална и хоризонтална функционална анализа што треба да ги даде точните податоци со какви способности и за каков кадар станува збор. Потоа ќе се знае точно каде има недостаток, а каде вишок вработени, по што веќе почнувајќи од 2019 та година ќе се разговара и со претставници од бизнис секторот за потоа дел од овие лица своеволно под определени услови да се префрлат во приватниот сектор.

Во однос на вработувањето на администартивците кои досега не одеа на работа, а беа примени преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Манчевски рече дека согласно податоците од Секретаријатот при крај е процедурата за потпишување на договори за работа со првите 958 вакви лица и многу скоро ќе се започне и со втората фаза за останатите 600 лица од вкупната бројка на 1600 вакви вработени.

Претседателот на Собранието Талат џафери посочи дека постигнувањето на стратешките приоритети за полноправно членство во ЕУ и НАТО подразбира реформи во општеството што ја опфаќа и јавната администрација.

- Овие реформи и промени во начинот на пристап, методологијата на работа и организацијата на јавната администрација не ги правиме само за да станеме дел од ЕУ и НАТО туку ги правиме да постигнеме нешто друго, многу позначајно, за благосостојбата на нашите граѓани и за создавање на достоинствени услови за ѓивот и работа. И тука главната улога ја игра јавната администрација што треба да биде максимално ефикасна и вистинско огледало на заедничките напори рече Џафери.

Свое обраќање пред присутните имаа и ректорот на УЈИЕ Замир Дика како и амбасадорот на Словенија во Македонија Милан Јазбец.