Фудбал
9. January 2016 - 1:00

Мамиќ гостин на ФК Вардар

 
Шефот на стручниот штаб на хрватскиот шампион Динамо од Загреб,  Зоран Мамиќ, денеска беше гостин  на ФК Вардар.
 
На заедничкиот состанок,  гостинoт партнерски подаде рака за реализацијата на бројните потенцијални развојни проекти, со кои би требало да бидат удрени темелите од новите поглавја, во историјата на односите помеѓу двата клуба.
 
„Денеска тренерот на Динамо Загреб, г-динот Зоран Мамиќ, на иницијатива на хрватскиот клуб, допатува како наш гостин во Скопје. На средбата разговаравме за можностите за почнување на една сеопфатна меѓусебна соработка во сите сфери, почнувајќи од играчкиот погон, стручниот шаб, раководните структури, како и младинските школи. Тоа ќе ни овозможи административниот и стручниот кадар, пред сѐ тренерите од нашите младински школи, да присуствуваат на разни професионални обуки во Загреб и да учат од искуствата на хрватскиот првак. На крајот од денешната посета, се договоривме во текот на месец март делегација од нашиот клуб да отпатува во главниот град на Република Хрватска, каде што би ги прецизирале конкретните детали врз основа на кои ќе го градиме нашето пријателство во иднина“ потенцираше директорот на ФК Вардар, г-дин Самоил Симев.
 
Во текот на денот, претставниците од двата клуба беа во посета и на вардаровиот тренинг камп во населбата Хиподром, а беше изразена и взаемна поддршка за остварување на идејата за организирање на Регионалната Балканска лига, проект кој несомнено со нетпрение го очекуваат сите искрени вљубеници во фудбалската игра на Балканот.
 
„Благодарни сме што преку досегашните инвестиции кои ги направивме во инфраструктурата и играчкиот кадар, Динамо Загреб препозна во нас рамнпоправен партнер за реализација на идејата за Регионалната лига. Луѓето од раководството на Динамо се едни од најголемите поборници оваа идеја да стане реалност, а во идентична насока се движат и нашите размислувања. Ставот на ФК Вардар по ова прашање е повеќе од јасен и ние сметаме дека организацијата на едно вакво натпреварување е единствениот спас за фудбалот на балканските простори. Воедно, г-динот Мамиќ беше импресионаиран од условите кои ги имаме за работа во новиот тренинг центар, констатирајќи дека Динамо Загреб, Вардар и Партизан се единствените екс-југословенски екипи, кои располагаат со современа инфраструктура за високи европски дострели“, додаде Симев.
 
Својата благодарност за срдечното добредојде, коректниот однос и изразената поддршка за предложените идеји, несебично ја сподели и предводникот од клупата на хрватскиот фудбалски гигант:
 
„Среќен сум што денеска имав прилика да бидам овде во Скопје, меѓу своите пријатели од фудбалскиот клуб Вардар. Мора да признам дека сум пријатно изненаден од она што имав прилика да го видам во новиот тренинг камп и слободно може да кажам дека Вардар е на вистинскиот пат, со овие услови да направи успех на меѓународната сцена. Исто така, драго ми е што наидовме на поддршка и разбирање на нашите планови за реализација на регионалната лига во фудбал. Со нетпрение очекувам повторно да се видиме на новата заедничка средба, која договоривме да се одржи во Загреб и се надевам дека дел од вардаровата делегација ќе биде и сопственикот на клубот, г-дин Сергеј Самсоненко. Едноставно се радувам што во Македонија постојат вакви луѓе, кои мислат и работат за доброто на фудбалската игра“, нагласи Мамиќ.
 
Меѓудругото, претседателот на нашиот клуб г-динот Мирко Спасески, најави можност и за реализација на едно мало изненадување кое би требало да ги оживее спомените од минатото, меѓу генерациите вардарови симпатизери:
 
„Задоволни сме од остварената средба со господинот Зоран Мамиќ, на која разговаравме за можностите за реализирање на голем број на заеднички проекти. Сево ова ќе биде од голема корист не само за првиот тим, туку и за нашите младински екипи. Исто така, за време на состанокот ја разгледавме и можноста да договориме една меѓусебна пријателска средба, која најверојатно би се одиграла овде во Скопје. Меѓутоа сеуште е рано да говориме за можните датуми, бидејќи за тоа е потребно пред сѐ да ги разгледаме и усогласиме натпреварувачките распореди на двата тима“, изјави Спасески.