Малите сипаници се шират низ државата
По Скопје каде за два месеци има околу 300 заразени, малите сипаници се проширија во сите региони во државата. Морбили регистрирале центрите за јавно здравје во 11 градови а ги чекаат и лабораториските анализи за пријавените случаи во Кочани и Штип. Освен во главниот град епидемија е прогласена и во Тетово а според епидемиолозите не е исклучена можноста ваква мерка да биде донесена и за Куманово. Покрај невакцинираните деца, на удар на оваа заразна болест се и здравствените работници. Досега има 30 заболени од кои дури 10 се од Клиниката за детски болести.
-Најголем број од заразените здравствени работници се од Скопје. Има неколку случаи во Тетово и еден во Прилеп. Знаете, ова е многу контагиозно заболување и се шири и во ординациите, чекалните и низ болничките ходиници и заболуваат и лекари и останат медицински персонал, вели др. Владимир Микиќ, ИЈЗ
Малите сипаници се најопасни за најмалата популација кои поради возраста не подлежат на вакцинација. Вчера на Детска клиника хоспитализирале 4 бебиња а на болничко лекување имаат уште 4 други кои ги задржале поради компликациите од морбили. На инфективна на одделот за интензивно лекување имаат еден пациент а неколку заболени имале потечка клиничка слика.
-Имаме и возрасни заболени, тоа го кажавне уште на почетокот на епидемијата, и тоа такви кои и се делумно вакцинирани, но за срека поминуваат со полесни симптоми, вели Микиќ.
Од прогласувањето на епидемијата во Скопје досега МРП примиле над 8000 деца. Досега биле пријавени само две несакани реакции, температура и болка на местото на убодот. Епидемиолозите апелираат поголем процент на имунизација да има и во внатрешноста на земјата поради ширењето на малите сипаници.
-
Сања Димитриевска
Сите содржини од овој новинар