Македонија
25. January 2017 - 15:39

Македонскиот филм „Кога денот немаше име“ на Берлинскиот филмски фестивал

Новиот македонски филм „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска во продукција на „Сестри и Брат Митевски“ поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија својата премиера ќе ја има на престижниот Берлински филмски фестивал, како дел од програмата Панорама.

Продуцентот Лабина Митевска на денешната прес-конференција истакна дека да се биде дел од Берлиналето кој е еден од најголемите филмски фестивали во светот, претставува голем успех.

- Како продуцент горда сум што Македонија ќе има филм на Берлин што е голема шест за нашата кинематографија. Нема автор кој не посакува да биде дел од Кан, Берлин или Венеција. Таму конкурираат над 10.000 филмови, а само од регионот над стотина, рече Митевска.

Според неа, ова е еден од најзрелите филмови на Теона, и го носи нејзиниот уникатен стил на визуелно раскажување. Акцент е ставен и на медоумската презентација на филмот на Берлин, додаде таа, за што ангажирани се угледен европски публицист и искусен агент за продажба. 

Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на РМ со 30 милиони денари (500.000 евра). Копродуценти на филмот се продукциите од Словенија „Вертиго“ и „Ентре Шиен е Луп“ од Белгија, а доби поддршка и од престичниот европски фонд Еуримаж.

Директорката на Агенцијата за филм на РМ Мими Ѓоргоска Илиевска упати честитки до продуцентската куќа „Сестри и Брат Митевски“, до режисерката Теона Митевска истакнувајќи дека тоа е голем успех за продуцентот, за режисерот и за целокупната артистичка екипа, но и за Агенцијата, која континуирано работи на унапредување  на филмската дејност. 

- Селекцијата во програмата на Берлинскиот фестивал е потврда за квалитетот на филмот и претставува одлична можност филмот да биде виден од релевантен филсмки аудиториум. Ова претставува и одлична прилика за презентација и афирмација на македонската кинематографија,  рече Ѓоргоска Илиевска.

Покрај филмот на Теона Митевска, таа додаде дека Агемцијата за филм на годинашното Берлинале ќе биде застапаена и со уште една малцинска копродукција - филмот „Реквиен за Госпоѓа Ј“ од Бојан Вулетиќ, каде како копордуцент од македонската страна се јавува „Скопје филм студио“.

Ѓоргоска Илиевска, меѓу другото се осврна на активностите на Агенцијата за оваа година кои вклучуваат учество на меѓународни филмски фестивали и други настани од областа на филмот. Ги издвои организацијата на две значајни европски филмски работилници „Мидпоинт“ во јуни во Охрид и „Маја“ за време на Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола во септември, на Генералното собрание на Еуримаж во октомври, договорот со Фестивалот во Ротердам за учество на двајца продуценти од Македонија на Ротердам филм лаб.

Проекцијате на „Кога денот немаше име“ е закажана за 14 февруари во Зоо палатата во Берлин во терминот од 19 часот. Покрај премиерата, филмот ќе има уште шест проекции. На премиерата ќе присуствуваат режисерката Теона Митевска, продуцентот Лабина Митевска, сценаристот Елма Татараѓиќ и шесте млади главни актери - натуршчици, кои се селектирани од над 400 кои се пријавиле за улогите. Ова е трето учество на Теона Струга Митевска на Берлиналето по „Како убив светец“, „Јас сум од Титов Велес“ и „Жената која ги избриша солзите“.