Loading Video...
Кошарка
19. December 2020 - 15:31
Македонија загуби голем кошаркарски работник, педагог и пред се добар човек - Почина Марјан Лазовски
Македонската кошарка загуби уште еден голем човек, тренерска легенда. Денеска на 58 годишна возраст како последица на Корона вирусот почина Марјан Лазовски.
Популарниот Маки целиот свој живот го мина и посвети на кошарката, започнувајќи ја кариерата како играч на МЗТ Скопје.
Во тренерската кариера предводеше неколку македонски екипи: Вардар, МЗТ Скопје, АМАК СП, Работнички, Торус, Пелистер.
Како асистент Лазовски беше и дел од машката кошаркарска селекција на Европските првенства во 2009-та и 2011-тата година, а во 2012-тата ја предводеше Македонија во квалификациите за Олимписките игри.
Тој ќе остане запаметен и како единствениот тренер кој покрај машката ја предводел и женската селекција на Македонија, како и младинската генерација која го направи најдобриот пласман во А дивизијата на ЕП.
Токму младите беа и неговиот предизвик во последните пет години, а како голем професионалец и врвен педагог знаеше како да ги мотивира младите таленти, и дополнително да им ја всадуваше љубовта во овој спорт.
Марјан Лазовски – Маки, секогаш беше и дел од спортската редакција на ТВ Сител, како стручен соработник, ко-коментартот на сите преноси од големи кошаркарски натпреварувања.
„Јас сум човек за кошарката, за неа постојам“ е реченицата која вечно ќе одѕвонува низ сите сали во Македонија, каде Лазовски постојано беше дел од кошаркарската игра.
Почивај во мир голем човеку.
-

Игор Трпески
Сите содржини од овој новинар
-->
-->
