Бизнис
23. February 2016 - 13:52

Македонија и Словачка ја унапредуваат економската соработка

Македонија и Словачка ќе ја унапредуваат економската соработка, особено во делот на енергетиката, индустријата, земјоделството и инвестициите.

За таа цел денеска во Скопје беше потпишан Протокол за соработка по одржувањето на првата седница на Мешовитата комисија за економска соработка меѓу двете држави.

Од двете страни е оценето дека има голем потенцијал за соработка кој треба да се интензивира во следниот период.

- Соработката меѓу Словачка и Македонија има голем потенцијал, а тоа го докажува и оваа прва седница на Мешовитата комисија. Идентификувани се повеќе области кадешто можеме да најдеме заеднички интерес. Особено ме радува тоа што најдовме конкретни компании и проекти каде постои потенцијал бидејќи важно е да се посвети внимание на реални проекти со што ќе ја зајакнуваме нашата соработка и трговија, изјави словачкиот државен секретар за економија Растислав Чованец.

Најголема соработка се очекува во делот на автомобилската индустрија каде, според двете страни, има големи можности. Од словачка страна е упатена покана до кластерот на македонски фирми од автомобилската индустрија да учествуваат на настаните на кои се презентираат компании - можни добавувачи на производителите од автомобилската инустрија. 

- Словачка има огромен потенцијал посебно во делот на автомобилската индустрија со оглед на веќе присутните марки на „пежо“, „фолкваген“, „кија“, а наскоро се очекува и влез на „ландровер јагуар“ со што за нас отвара нови форми за заемна соработка, истакна заменик-министерот за економија Христијан Делев. 

Во делот на енергетиката, Словачка е подготвена да понуди компании кои учествуваат на тендерите за термоелектраните и во изградбата на малите хидроцентрали, а од македонска страна е упатена покана за учество на словачки компании и во делот на гасната инфраструктура.

Македонија изразила и интерес за присуство на македонското вино, овошје и зеленчук на словачкиот пазар. Иницирано е да се одржи и тет а тет средба меѓу компаниите од двете држави со цел да се изнајдат можности за соработка. 

За време на дводневните разговори меѓу двете делегации се презентирани и поволностите што ги нудат ТИРЗ и зелените зони за инвестирање на странски компании во Македонија. 

Македонија од Словачка ќе црпи и искуства во делот на искористувањето на средствата од ЕУ фондовите, каде оваа држава предничи со околу 96 проценти искористеност. За таа цел од македонска страна е побарано да биде испратен словачки тим од експерти кои ќе дадат предлози каде треба Македонија да го подобри искористувањето на средства од ЕУ фондовите. 

Следната седница на Мешовитата комисија ќе се одржи во Братислава.