Македонија
22. February 2016 - 13:05

Македонија и Косово ја зајакнуваат соработката во евроинтеграциите

Македонија и Косово денеска потпишаа договор за соработка во областа на евроинтеграциите. Договорот во Приштина го потпишаа вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и министерот за европски интеграции на Косово, Беким Чолаку.

Меморандумот ја потврдува европската перспектива на двете земји, ги зајакнува билатералните односи и промовира континуирана соработка од заеднички интерес.

За време на средбата со косовскиот колега, вицепремиерот Бесими ја истакна важноста на регионалната соработка за размена на искуства во областа на европската интеграција, како и размената на информации и знаење за усвојување на европското законодавство и неговото спроведување по поглавја.

Нагласена е и важноста на искористувањето на европските фондови од програмата за прекугранична соработка ЦБЦ каде за програмата 2007 – 2013 досега се искористени 1,290,910 за проекти кои се веќе во фаза на имплементација, додека за програмата ЦБЦ 2014 – 2020 на располагање се 8,400,000 евра.

Соговорниците ја поздравиле оваа иницијатива, потврдувајќи ја уште еднаш добрата соработка меѓу двете земји.

Вицепремиерот Бесими, како што соопшти неговиот Кабинет, му посакал на министерот Чолаку поскора реализација на визната либерализација со европските земји.

Македонија и Косово досега имаат потпишано над 30 договори за соработка. Последниот договор што беше потпишан ги поедностави граничните процедури за преминување на границата со биометриска лична карта.