Македонија го одбележува Светскиот ден на водите
Со повеќе активности денеска во Македонија ќе биде одбележан Светскиот ден на водите, 22 Март.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) организира конференција на тема „Водата и отпадните води“, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предвидува атрактивно нуркање во водите на езерото Матка од страна на членови на Нуркачкото друштво „Врело“ и хидрометриски мерења на реката Треска, додека Институтот за јавно здравје на РМ најавува Саем на вода пред Домот на АРМ.
На конференцијата „Водата и отпадните води“ ќе се обратат министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, раководителот на Одделот за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ Мауро Ди Вероли и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на РМ Димитар Петров.
Главна цел на настанот е зголемување на свеста за важноста на одржливиот начин на искористување на водата како скапоцен ресурс, намалување на употребата и повторна употреба на отпадните води, како и подобрување на животниот циклус на водата за секое живо суштество.
Конференцијата е дел од реформите во секторот за вода што ќе се спроведуваат следните години, а агендата предвидува панел-дискусија и мотивациски говори на тема „H2O Зошто се грижиме" од страна на Даниел Кајмаковски и Агнеса Чаволи.
Хидрометриските мерења на Треска што ги организира УХМР по повод Светскиот ден на водите, 22 Март, но и по повод Светскиот метеоролошки ден, 23 Март, ќе се извршат на хидролошката станица Св. Богородица. Првпат ќе се примени најсовремениот инструмент, т.н. Акустичен доплеров мерач на проток дониран од УНДП, но ќе се изведе и класично мерење со прегазување на реката. Атрактивното нуркање, пак, ќе биде кај црквата Св. Андреа. Нуркачите од друштвото „Врело“ ќе извлекуваат потоната платформа.
Во рамки на Саемот на вода во центарот на Скопје, граѓаните ќе добијат промотивен материјал со информации за значењето и влијанието на безбедната вода за пиење врз здравјето на населението и превенција од болести. Според Институтот за јавно здравје, достапни ќе бидат и одговорите од анкетата на www.iph.mk за тоа колку и од каде најчесто се информираме за поврзаноста на водата со здравјето.
Мото на годинашниот Светски ден на водите се отпадните води, а целта е генерално да се влијае на свеста да не се загадуваат површинските и подземните води со разни фекалии преку индустрискиот процес, да се пречистуваат ако се веќе загадени со што се спречува можноста за евентуално наводнување на земјоделските култури, да се спречи дистрибуција на загадени води до сите корисници и заради штедење на водата и зачувување на водените ресурси.
Ново на Сител
-
Анчелоти може да добие отказ ако Реал Мадрид не се пласира во осминафиналето од ЛШ
-
Поради магла намалена видливост до 100 метри во Кочани, Страцин, Битола и Плетвар
-
Нетанјаху: Израел нема да го спроведе примирјето во Газа додека не добие список од 33 заложници
-
Извршени претреси во Скопје, уапсени дилери на дрога и оружје
-
И кажале дека нејзината ќерка прегазила дете - измамена 76-годишна скопјанка за 130 илјади денари
-
Полициски службеник земал 50 евра поткуп, пронајдени пари и документација
-
Уапсен Раде Трајковски-Штекли
-
Синер без проблеми до четвртото коло на Австралија Опен