Македонија
25. March 2019 - 23:10

Локализиран пожарот под Пелистер

Пожарот кој попладнево го зафати потпелистерието, кај селото Ротино, вечерва е ставен под контрола и не се дозволи негово проширување кон моликовата шума. Интервенираа екипи на битолската противпожарна единица помогнати со по едно противпожарно возило од Ресен и од РЕК Битола. Во гаснењето учествуваа и возила на јавните претпријатија, локалното население, претставници на Дирекцијата за заштита и спасување, како и вработени од Националниот парк Пелистер.

Попладнево заради силниот ветер, пожарот брзо се ширеше и имаше голема опасност да ја зафати и моликовата шума, а гаснењето беше отежнато и заради тешко пристапниот терен.

После одржаниот состанок на Кризниот штаб попладнево, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска беше на местото на пожарот. Во зависност од тоа каква ќе биде состојбата вечерва и во раните утрински часови, Кризниот штаб изутрина ќе одлучува дали и понатаму  ќе се бара вклучување на воздухоплови за гаснење на огнот.

Екипи вечерва ќе дежураат на местото на пожарот, во случај повторно да се појави пламен, навремено да се делува со цел да не дојде до негово проширување.

Инаку во текот на денешниот ден, битолската пожарна имаше шест противпожарни интервенции.