Македонија
18. October 2024 - 16:32

ЛКМ: Прво Таравари да достави решение кој е одговорен па потоа комората ќе постапува

Прво министерот за здравство да достави конкретно лоцирана одговорност кај доктори инволвирани во третманот на 14 месечното бебе кое почина, а потоа Лекарската Комора да постапи согласно закон. Ова е епилогот од вчерашниот состанок на етичко правната комисија кои не можат некого да обвинат само врз база на извештајот без решение од Таравари.

- Во однос на стручните пропусти во третманот нотирани во извештајот, Лекарска комора може да постапува само во рамки на законски утврдена постапка согласно Законот за здравствена заштита, односно само врз основ на решение изготвено од страна на Министерот за здравство. Во конкретниот случај вакво решение досега не е доставено до Комората, а Комората нема законска можност самоиницијативно да пристапи кон утврдување на индивидуална одговорност и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај.

Разгледувајќи го извештајот, комисијата констатирала дека најголем број од пропустите се системски и за нив немаат ингеренции, но очекуваат посочените инситутции да ги решат во интерес на сите.

И додека Комората чека решение од Министерот, Таравари пак, чека од директорите на установите каде било лекувано бебето да преземат мерки.

-Тие се раководители на тие болници и клиники и не би сакал јас да кажувам што ќе донесат, меѓутоа очекувам од нив да има некаква одговорност, вели министерот за здравство, Арбен Таравари (17.10.2024).

Стручниот надзор утврдил стручни, системски и технички недостатоци во двете клиники каде било лекувано бебето и во Детска и во Козле.

14 месечното бебе почина пред 13 дена со дијагноза опструктивна бронхопневмонија.