Кривични пријави против седум лица за инцидентите во Собранието
СВР Скопје поднесе кривични пријави против седум лица во врска со инцидентите што се случија на 27 април годинава во Собранието на Република Македонија
- Кривични пријави се поднесени против Д.Т. (42), Н.П. (39), Б.Г. (43), сите од Скопје и против Г.А. (43) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл. 384 од Кривичниот законик на Република Македонија, а против А.П. (39), И.К. (37) и Н.В. (39), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл. 385 од Кривичниот законик на Република Македонија, соопшти МВР.
Пријавените, како што се наведува во соопштението, на 27 април околу 19:00 часот во Собранието на Република Македонија откако насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници, влегле во сала бр:3 каде се одржувала прес-конференција и ги нападнале пратениците З.З. (42) од Струмица и З.С. (44) од Струга, како и лицето А.Т. (лично обезбедување на З.З.). Притоа, пријавените Д.Т., Г.А., Н.П. и Б.Г. насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници поставени пред Собранието. Потоа Г.А. ги повикал останатите присутни да влезат, а Н.П. влегол во сала бр:3, се заканувал и физички го нападнал А.Т. (лично обезбедување на З.З.).
- Пријавените А.П., И.К. и Н.В. во прес салата бр:3 го извршиле кривичното дело на начин што А.П. фрлил статив за камера кон присутните пратеници, И.К. физички го нападнал А.Т. и го повредил во пределот на главата фрлајќи кон него со канцелариски стол со метални ногарки, а Н.В. со нога го удирал пратеникот З.С., додека лежел на подот, се наведува во соопштението од МВР.
Во врска со настаните, повикани биле и А.Ш. (22) од Скопје и В.М. (29) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл.385 од Кривичниот законик на Република Македонија. По извршените разговори, тие биле ослободени.
Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности со цел идентификување и документирање и на други лица учесници во настаните што се случија на 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.
Ново на Сител
-
Џафери ќе ја извршува функцијата технички премиер до изборот на новата влада
-
Скопјанец го нападнал градоначалникот на општина Шуто Оризари, полицијата извршила службен разговор со него
-
Сиљановска Давкова: Ќе го почитувам Преспанскиот договор, но го задржувам правото на слобода на изразување
-
Кацарска ќе даде осврт за претседателскиот мандат во Уставен, до крајот на месецов ќе се знае нејзиниот наследник
-
Африм Гаши избран за претседател на Собранието
-
Терзиќ: Во еден натпревар можеме да го победиме Реал
-
Собранието ги верификува мандатите на 118 пратеници
-
Автомобил удрил во велосипедист во Скопје и избегал од местото на несреќата