Бизнис
2. May 2022 - 16:33

Ковачевски, Петков и Вучиќ на стартот на изградбата на гасоводот во Александрополи

За помалку од две години регионот ќе има повеќе можности за снабдување со гас. 

Утре во грчкиот град Александруполи каде што се наоѓа терминалот за течен гас ќе почне изградба на гасоводот кој ќе ја намали зависноста на овој регион од рускиот гас. 

На настанот ќе присуствува и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Од неговиот кабинет велат дека овој проект ќе понуди нови извори и рути за набавка и ќе ја зголеми безбедноста на набавките за регионот. 

Освен Мишел и грчкиот премиер Мицотакис во Александропулис утре ќе отпатуваат и македонскиот и бугарскиот премиер Ковачевски и Петков како и српскиот претседател Вучиќ.

–Во вторник заедно со други лидери од Балканот ќе бидам во Александруполи на новиот терминал за складирање и гасификација на течен природен гас, многу важен инфраструктурен проект кој во комбинација со други иницијативи, за помалку од 20 месеци ќе ни даде можност целосно да ги диверзифицираме нашите извори за снабдување со природен гас, не само на нашата земја, туку и на целиот Балкански полуостров, рече Мицотакис.

Новите рути за снабдување со гас во регионот се од суштиснко значење откако минатата недела Русија ја прекина испораката на гас кон Бугарија. Засега земјава и Србија имаат стабилно снабдување со руски гас, но Бугарија за своите потреби гас купува преку посредници што значи енергенсот станува поскап.

Терминалот за складирање течен гас во Александруполис чини 400 милиони евра. Се состои од пловечки објект каде ќе се чува енергенсот кој таму во течна состојба ќе стига со бродови цистерни. Ќе се преработува во гас, па ќе се пушта во употреба во регионот.  

Земјава потпиша меморандуми за да располага со 10% од акциите во овој терминал, но за гасот да стигне довде треба да заврши изгрдбата на гасоводот во земјава.