Македонија
16. November 2015 - 14:04

Конференција: Итно решавање на проблемот со бегалците на меѓународен собир

Постигнување единство во борбата против меѓународниот тероризам со усвојување ефикасни мерки за искоренување на неговите причини и спречување и гонење на сторителите на таквите дела како меѓународни злосторства. Преземање на одговорноста за какви било акти за поттикнување, започнување или водење војна како замена за дијалогот и решавање на отворените проблеми по мирен пат. Предимство на интересите на меѓуцивилизацискиот дијалог пред геостратешките, економските, политичките или слични интереси над државните.

Ова е апелот до ООН, ЕУ, Советот на Европа и светските лидери упатен од присутните на денешната конференција „Мултикултурализмот и толеранцијата-миграциите и предизвиците на социјалната интеграција“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Беше побарано и итно решавање со одржување меѓународна конференција на проблемот на бегалците од подрачјата на вооружените судири. 

Со извршениот терористички напад во Париз, за академик Владо Камбовски, претседател на МАНУ им е зададен тежок напад на мултикултурализмот, толеранцијата и недискриминацијата, кои имаат темелно значење за развитокот на современото општество. 

- Сите актери на политичката сцена стојат не само пред политичка и друга, туку и пред историска одговорност за последиците од нивните неразумни постапки одговорност пред генерациите кои токму низ борба, а не низ мир и толеранција, заедно го создале македонското современо општество. Треба да се истрае на автентичното значење на идејата на мултиколаризмот и толеранцијата која изникнува од нашата далечна историја за заеднички живот. Тоа е единствениот одговор за сите предизвици од тероризмот, до ксенофобијата и авторитарните политички режими, вели меѓу другото Камбовски.

Според Маријане Берез од ОБСЕ интеракцијата и дијалогот се единствениот одговор на сите актуелни и идни предизвици. Потребно е, нагласи таа, и прифаќање, а не само толеранција. Масивната миграција која се случува ги става европскиот континент под огромен притисок. Предизвиците се пред нас, подвлече Берез, стравот од непознатото, и уште повеќе од невообичаеното,  од различното од сите аспекти, боја, религија, култура, но опасноста не доаѓа од овие луѓе, туку од неприфаќањето, дискриминацијата, говорот на омраза, како потенцијал за агресивен одговор и насилни реакции или напади, како во Париз.  

Академик Луан Старова смета во мултикултурните општества на Балканот етничкото надвладува над граѓанското. Согласно неговото 50-годишно дипломатско искуство, посочи, смета дека ако мултикултурата ја нагласува доминацијата на мнозинската култура, тогаш интеркултурата ја релативизира таа разлика. Во законите на РМ, посочи, се внесени категориите мултикултурализам  и интеркултурализам во посебен контекст во Охридскиот договор.

Рубин Земон, од Универзитетот Евробалкан Скопје Македонија живее во поделено плурално општество, вели дека многу сме далеку од мултикултурно општство. Правата на заедниците во Македонија се повеќе од мултиетнички, и биетничкото општество се претвора во бикултурно. Сите заедници што се помалку од 20 проценти не уживаат никакви колективни права. 

- Миграцијата од Македонија пред се е од економска сиромаштија. Со бодликави жици не може да се реши ништо, истакна Земон. 

Политиката на мултикултурализмот треба да биде проследена со механизми на интеркултуран комуникација, оцени академик Катица Ќулавкова, нагласувајќи оти е потребна инклузивност намето ексклузивност.

- Денес светот е соочен со радикализаицја на културните разлики, не само на локално, туку и на глобално рамниште. Последните настани во Париз, покажуваат дека културните разлики се препознаваат се почесто како религиски, што воопшто не го води светот во просперитет. Светот е исправен пред амбисот на трета светска својна, а секоја војна по дефиниција е нетолерантна, насилна, рече меѓу другото Ќулавкова. Треба, смета таа, да се осуети појавата на фашизоидни идеологии, кои дискриминираат народи и култури и кои се увод во насилство, терор и војна, затоа што траквите идеологии обично завршуваат во озаконето државно насилство од една страна и со геноцидни политики на друга страна.

За Али Ресул Усул, претседател на Центарот за стратешки истражувања во МНР на Турција, мултикултурализмот е толеранција кон сите различности и признавање на постоењето на други идентитети, цивилизации и култури и територијални единици. 

- Меѓународната заедница мора да изнајде начин како ќе се соочи со овие проблеми со мигрантската криза, бидејќи, последните терористички напади во Париз и во Анкара и во други места во светот, јасно покажаа дека политичкиот, верскиот и другиот тероризам почна да се остварува, а тоа е одговор  на предизвиците во Европа во однос на ксенофобијата и неофашизмот, кои се појавуваат како нова закана за мирот и стаболноста во светот, рече Ресул Усул.