Македонија
21. March 2025 - 17:02

Обдукцијата покажа дека 59-те лица починале од задушување со јаглероден моноксид во дискотеката во Кочани

Насилна смрт од задушување предизвикано од пожарот е причина за смртта на 59-те млади луѓе во клубот во Кочани. Обдукцијата покажа дека сите се задушиле за кратко време, најголемиот дел од јаглероден моноксид, а токсиколошките анализи ќе покажат какви други гасови вдишале. 

- Во најголем број случаи при пожари, најчест гас е јаглерод моноксид. Може да се јави и цијан водород и сулфур водород.Сега ги работиме токсиколошките анализи за да утврдиме што е присутно во крвта, меѓутоа според макроскопскиот наод за време на обдукциите кај најголем број од нив има јаглерод моноксид,  изјави проф. д-р Александар Станков, директор ан Институтот за судска медицина.

При обидот да избегаат од пожарот кај некои од починатите биле констатирани изгореници и скршеници, а 4 лица се задушиле во стампедото.

- Кај четворица од загинатите постоеле повреди односно скршеници на ребрата и се задушиле заради притисок што се случува во стампедо (компресивна асфиксија), рече професорот Станков.

Пред да се направат обдукциите на сите тела била извршена прецизна идентификација со ДНК и дактилоскопија односно отисок од прст.

- Четири тела поради изгореници беа идентификувани само со ДНК, додаде професорот Станков.

- На Институтот за судска медицина му припадна најтажната и една од најодговорните задачи во најкраток рок да изврши 59 обдукции од кои ќе се утврди причината за смрт, а воедно и идентификација, рече проф. д-р Светозар Антовиќ, декан на медицинскиот факултет Скопје.

Обдукциите 2 дена ги работеле само кадар од Институтот за судска медицина, со помош од патологија и тетовската болница, а да помогнат се понудиле речиси сите држави од регионот. 

Од 59-те починати 16 се женски, а 43 машки, најмногу на возраст од 16 до 29 години.