Македонија
3. September 2019 - 16:48

Конечно се уриваат старите бараки на УЈП - грдата слика на Битола

Се рушат старите бараки на Управата за јавни приходи во Битола. Тие подолго време беа грда слика во центарот на Битола. По барање на граѓаните, а и по увид на комуналната инспекција општината донесе документ со кој овој објект се отстранува. Граѓаните од оваа урбана заедница со години имаа проблеми со објектот од каде се шири непријатна миризба.

- Порано УЈП  ги користела овие објекти, во надлежност на Министерството за финансии, стапено е во контакт со нив, не ги водат како објекти кои се во нивните списи, го добивме тој документ, дополнително општината изработи документ   во кој архивира реална состојба на терен, што се случува со објектот, дека е вон употреба, изјави Наташа Петровска, градоначалника на Битола. 

ЈП Комуналец го чистеше просторот во координација со другите јавни претпријатија.

-Претставуваше проблем за самите жители, граѓаните и минувачите, будејќи беше во очајна состојба, дива депонија. Се надевам дека во рок од неколку дена ќе го средиме, исчистиме овој простор , на крајот ќе извршиме и уредување на зелените површини, истакна Панде Богоевски, директор на ЈП Комуналец Битола.

За овој реон постои Детален урбанистички план во кој се предвидува деловен простор, паркинг и друга инфраструктура, но што понатаму ќе се прави крајно ќе биде одлучено заеднички со граѓаните од урбаната заедница.