Македонија
18. November 2023 - 17:15

Комуналните претпријатија „дишат на шкрги''

Комуналниот сектор во изминатите години се соочува со низа потешкотии во секојдневното работење, независно дали се работи за водоснабдителни услуги, третман на отпадни води или за менаџирање со отпадот.

Енормниот скок на цените на репроматеријалите, горивата и зголемените сметки за потрошена електрична енергија, ги задолжија и во прашање ја доведоа самоодржливоста на комуналните претпријатија.

Општините, како нивни основачи, не се финансиски моќни да ги покријат загубите, па на регионалните средби во организација на АДКОМ, побараа помош од надлежните министерства.

- Зборевме за потребата за издвојување на повеќе средства од страна на централната власт за поддршка на проекти на општините или на комуналните претпријатија во делот на комуналните дејности- изјави Ивица Трипуновски, Директор на ЈКП „Водовод“- Илинден

Министерството за животна средина и просторно планирање, веќе работи на подобрување на финансиската кондиција на претпријатијата, преку решавање на приоритетните комунални прашања, за што од буџетот на државата се издвоени вкупно 50 милиони евра за сите 80 општини.

- Се насочуваме директно да разговараме со јавните комунални претпријатија, со општините со цел да им помогнеме. Што правиме? Даваме финансиски средства преку разни проекти со кои ја подобруваме нивната инфраструктура, меѓутоа, секогаш има можност и потреба за повеќе- изјави Линдита Шакири, Советник на министерот за координација на меѓународни проекти- МЖСПП

Покрај од централната власт, општините и комуналците побараа помош и од граѓаните, во делот на подигање на јавната свест за значењето на одржливите комунални услуги. За таа цел се одржа едукативно предавање за учениците од средните училишта во североисточниот регион.