Бизнис
28. April 2019 - 17:55

Компаниите се жалат: Колку повеќе општествено одговорни, толку повеќе инспекции

Наместо признанија и даночни олеснувања, компаниите што инвестираат во општествено корисни проекти се третираат како криминалци, реагира бизнис секторот. Искуството на компаниите членки на Американската стопанска комора во Македонија покажува дека откако ќе побараат поврат на ДДВ за донираните средства, обично се соочуваат со вонредни инспекциски контроли.

“Многу често се случува кога компанијата ќе донира за општествено корисен проект и ќе побара ДДВ, да се изложат на дополнителни ревизии, дополнителни инспекции. Така да, во таа ситуација малку се чувствуваат како казнети за тоа што придонеле кон општеството и тој тренд мора да го сопреме и мора да го смениме. Треба компаниите кои што инвестираат во општеството да добијат и признанија, да добијат и даночни олеснувања, а не да се третираат како криминалци кои што се обидуваат нешто да скријат или да затајат”, вели Дијана Десподов, извршна директорка на Американската стопанска комора во Македонија.

Бизнис секторот алармира и за недоречености и ограничувања во законската регулатива околу тоа кој може да побара повраток на ДДВ откако ќе донира за општествено корисни проекти. Велат дека приватните компаниите се заинтересирани да инвестираат во општеството, но законската регулатива ги дестимулира.

“Приватниот сектор има голема свесност за инвестирање во општествено одговорни проекти и сакаме уште повеќе да го ангажираме приватниот сектор и да го мотивираме да инвестира во општеството, меѓутоа во меѓувреме ќе треба да создадеме законодавна околина која што ќе го олеснува тоа, бидејќи во моментов законот за донации и спонзорства е многу ограничен, има многу недоречености и има многу контрадикторности. И така како што е поставен всушност го обесхрабрува приватниот сектор да инвестира во општеството, отколку ситуацијата да биде обратна”, вели Дијана Десподов, извршна директорка на Американската стопанска комора во Македонија.

Општествената одговорност на приватниот сектор е во сечиј интерес, како за граѓаните и државата, така и за самите компании. Токму затоа апелираат државата да обезбеди соодветни услови и да го мотивира приватниот сектор да инвестира што е можно повеќе во општеството.