Колку лица се хоспитализирани во болниците од Ковид-19?
Вкупно 16 пациенти со корона се хоспитализирани во болниците низ земјава. Од нив 13 се сместени на Инфективната клиника во Скопје. Двајца се хоспитализирани во Велес и еден во Куманово. На кислородна поддршка се четворица пациенти, информираат здравствените власти. Во земјава досега се детектирани 10 случаи со Делта сојот и ниту еден од нив не бил вакциниран. Последните анализи покажуваат дека новиот Делта сој на вирусот масовно се шири кај невакцинираното население во светот, потенцираат од МЗ.
Во Европа, од почетокот на месецот, дури 84 отсто од новозаразените во Холандија се невакцинирани, а 10 отсто се вакцинирани само со една доза, додека во Обединетото Кралство, скоро две третини од луѓето заразени со Делта сојот на Ковид-19 и повеќе од половина починати, воопшто не биле вакцинирани.
Шпанија бележи значителен пораст на нови случаи кај млади невакцинирани лица, по трендот на опаѓање на заразени од крајот на април. Бројот на пациенти во регионите како Каталонија е двојно зголемен во споредба со крајот на јуни, а единиците за интензивна нега кои претходно беа затворени повторно се отвораат.
Единствен начин да се спречи нов бран и ширење на опасниот сој е масовната имунизација потенцираат здравствените власти. Уверуваат дека вакцините се високо ефикасни и за новите соеви и се единствена заштита.
Денешната статистика покажува дека во моментов има 265 граѓани со корона. Во изминатото деноноќие се евидентирани 21 новозаразени од направени 3.358 тестирања. Од нив, 13 се од Скопје, пет од Тетово и по еден од Гостивар, Струмица и Дебар. Регистрирани сe двајца оздравени од Скопје и нема починати пациенти.
-
Александра Костовска
Сите содржини од овој новинар