Кој е виновен што Анкетната за Онкологија заврши без заклучоци?
Мизрахи и ВМРО-ДПМНЕ се виновни зошто пропадна работата на Анкетната за скандалот на Онкологија, овбинуваат пратеници од СДСМ. Денеска и официјално заврши мандатот на Комисијата и тоа без официјални заклучоци ниту пак имиња кои политички би одговарале за непочитување на законите. Мизрахи не закажа седница на последниот работен ден а од власта велат дека за џабе биле потрошени иљадници денари за патни трошоци.
- Се викаа сведоци, се трошеа пари на граѓаните, се сееше лаги и на крај, ДПМНЕ побегна од комисијата, со денови не се свикува седница. Се потврдува она што се сомневавме уште од почеток, дека намерата на ДПМНЕ е да ја опструира истрагата на надлежните институции и да ја злоупотребува во политички цели, вели Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.
Од СДСМ и со критика кон нивните колеги од опозицијата дека за овој случај воопшто не им била вистината туку собирање на политички поени. Мизрахи, пак, вели дека не можече да се договорат бидејќи заклучоците им биле дијаметрално спротивни и затоа комисијата не заврши со формален епилог.
Претседателката на Анкетна понуди предлог заклучоци според кои треба политички да одговараат Филипче, Нино Васев и уште четврица поранешни функционери. Им се спротиставија од власта нудејќи други решенија без конретни и именувани виновници.
Епилогот е дека по два месеци, над 50 одржани седници со над 50 сведоци, експерти, сегашни и идни функционери, Анкетната Комисија која беше формирана со голем ентузијазам заврши без формален дел.
Освен Анкетната, нема нови информации и од Обвинителството кое и по три месеци од избивање на скандалот се уште е во фаза на преистражна постапка.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар