Македонија
15. July 2018 - 13:42

Коѕијас: Договорот без проблеми и со мнозинство ќе помине во грчкиот парламент

Убеденост дека Договорот од Преспа без проблеми ќе добие зелено светло од пратениците во грчкиот парламент, па дури и од некои од Независни Грци, изразува шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервју за германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.

- Договорот со Северна Македонија, во секој случај ќе помине во Парламентот. Но, сакам да го разјаснам следното: се стремиме кон мнозинство над 150 гласови и тоа ќе го добиеме. Секако дека не сум пророк – луѓе може да умрат, може да има земјотреси, но под нормални услови нема да постои апсолутно никаков проблем да ги добиеме овие 151 глас. Точно ги преброив. Точно е дека Независни Грци нема да гласаат како партија, но постојат пратеници од оваа партија кои што сметаат дека е добар договорот. Покрај тоа постои и партијата Река, во која не сметаат сите пратеници дека е добар договорот, но во секој случај некои од нив, вели шефот на грчката дипломатија и додава дека во Парламентот се брои мнозинството пратеници, а не партии.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас објаснува дека СИРИЗА има 145 пратеници и потребни се само шест дополнителни гласови за комплетно мнозинство, но и дека од гласањето може да отсуствуваат дел од партиите.

- Покрај тоа, на гласањето во парламентот можно е повеќе од една партија да не учествува. Затоа и потребното мнозинство тој ден може да биде помало од 130 гласови. Секако, ние од политички причини се стремиме да има мнозинство над 150 гласови, но формално, од правен аспект не сме обврзани за тоа, додава грчкиот министер за надворешни работи.

Во интервјуто, шефот на грчката дипломатија ги споменува и заканувачките писма и пакети со куршуми и земја со крв што стигнале до него, а на прашањето дали би прошетал на улица во Солун без телохранители, Коѕијас вели дека тој лично да, но неговите телохранители не би му го дозволиле тоа.

Во однос на истражувањето на јавното мислење во Грција и резултатите според кои огромен е бројот на граѓани што се против Договорот, Коѕијас го повторува неговиот став дека анкетите за грчкото МНР даваат друга слика.

- Истражувањата спроведени за Министерството за надворешни работи кои не се наменети за објавување, покажуваат друга слика: околу 55 проценти, според овие истражувања се против Договорот, додека пак 37 проценти за. Станува збор за добра појдовна точка, ако се размисли дека решението во парламентот беше поддржано само од СИРИЗА, вели Коѕијас.