Коцевски: Приоритетите за предмети за корупција не се под влијание на власта или опозицијата
Намерите на републичкиот јавен обвинител да ја открива корупцијата се совпаднале со најавите на премиерот Мицкоски за гонење на корумпирани судии и обвинители, но Коцевски во интервју за 360 степени, уверува дека во јавното обвинителство нема притисок од власта и опозицијата за предметите. Обвинителството работи постојано, но имаат потешкотии да обезбедат докази.
„Јавното обвинителство континуирано работи, меѓутоа проблем е што доказите многу тешко се обезбедуваат. И овој приоритет не е само за јавните обвинители да даваат приоритет на предметите за корупција, туку да ги ажурираат сите предмети, имајќи предвид дека сите наредби што се даваат до одредени органи, во одреден период не се добиваат соодветни докази. Што значи дека јавното обвинителство сега даде приоритет за ажурирање на сите оние предмети, на сите оние наредби по коишто се постапува за да се добијат одредени докази од страна на органите од коишто се бараат“.
Во моментов се водат шест предистраги за злоупотреби на тендери поврзани со ЕСМ, но нив ги води Битолското обвинителство, зошто потенцијалните кривични дела се на таа територија, но и РЕК Битола.
„Еве првпат ќе ви соопштам дека во моментов Основното јавно обвинителство Битола работи на шест постапки за тендери. Плус работи и на други, за други постапки за набавка на јаглен, мазут и така натаму, што значи дека има доста работа. Се прибираат докази. Во еден дел активирани се и МВР и БЈБ со нивното Одделение за сузбивање на криминалот, така што во скоро време очекувам и таму да имаме резултати“.
Во истрагата позната во јавноста како случај „Адитив“ осомничени се 23 лица кои учестувале во набавката за адитиви за потребите на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ и кои истите биле плаќани неколкукратно поскапо и речиси не се ни употребувале. Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е осомничен во случајот е во бегство.
За бегството на екс вицепремиерот Артан Груби пак, обвинителот Коцевски вели дека се утврдува дали е виновен само полицаецот кој го пропуштил Груби на граничниот премин Блаце, иако се наоѓал на стоп листата.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар