Македонија
22. August 2017 - 13:50

Ќе се отстрануваат хаварисаните возила во Тетово

Околу 20 хаварисани возила оставени на јавни сообраќајни или зелени површини во Тетово ќе бидат отстранети следните денови во заедничката акција што ја почнаа денеска екипи на СВР Тетово и Општината.

Како што информира портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски. акцијата е во рамки на планираните подготовки пред почетокот на новата учебна година и континуираните активности на СВР Тетово за поголем ред и безбедност во сообраќајот.

Изминатиот период возилата најпрво беа лоцирани, по што беа залепени и известувања со рок од три дена за нивно отстранување.

- Доколку во наведениот рок хаварисаните возила не бидат отстранети од страна на нивните сопственици, полициски и општински екипи ќе постапат според веќе договореното, ќе ги подигнат и транспортираат, а сопствениците ќе треба да платат определен паричен надоместок, изјави Јосифовски.

Според него, слична акција за отстранување на хаварисани возила од јавни и зелени површини ќе биде преземена и во Гостивар. Зависно од состојбите и потребите ваквите активности е можно да продолжат во функција на вкупната сообраќајна безбедност на подрачјето.