Македонија
17. July 2024 - 13:53

Кисела Вода прва општина која обезбедува бесплатни логопедски, дефектолошки и психолошки третмани

 Општина Кисела Вода е првата општина која обезбеди бесплатни логопедски, дефектолошки и психолошки третмани за децата кои имаат ваква потреба, како и психоедукација и стручна поддршка за нивните семејства.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска потпишал Меморандум за соработка со Центар за психофизичко здравје „Гаспар”. Согласно договореното, во новоотворените простории на оваа институција во Припор, кои ги обезбедува Општина Кисела Вода, тим од специјалисти ќе нуди бесплатни услуги за деца од предучилишна и училишна возраст за кои, во соработка со градинките и училиштата, е проценето дека имаат ваква потреба.

-Предност ќе имаат децата од социјално загрозените семејства. Градоначалникот Ѓорѓиевски, заедно со управителот на “Гаспар” – Центар за психофизичко здравје, Фики Гаспар и со проф.д-р Владимир Илиевски, професор на Универзитет Св. Кирил и Методиј, денес дискутираа за начинот на кој ќе се имплементира оваа услуга и за досегашните позитивни искуства. Дополнително, договорената соработка опфаќа и обуки за кадрите во училиштата и градинките, а сите лица од Кисела Вода кои не се опфатени со програмата, а сакаат да користат услуги од “Гаспар”, ќе имаат попуст, се вели во денешното соошпштение од Општината.

-Денеска ставивме потпис на еден значаен документ преку кој Кисела Вода станува првата општина во која деца што имаат потреба, ќе добиваат бесплатни психолошки, логопедски и дефектолошки третмани, а професионална поддршка ќе има и за нивните семејства. Како општина која во континуитет активно презема мерки и активности во интерес на своите граѓани особено во делот на социјалната заштита, на Центар за психофизичко здравје “Гаспар” му обезбедивме простор во Припор, додека тие го обезбедуваат стручниот кадар-тимот од логопеди, психолози, специјални едукатори и рехабилитатори, за што посебно сакам да му се заблагодарам на Фики Гаспар од“Гаспар” – Центар за психофизичко здравје. Како што денес дискутиравме и со него и со нашиот гостин, проф.д-р Владимир Илиевски, работата со стручни лица кога е евидентиран некаков проблем или пречка кај младите лица, дава огромни резултати, па придобивките од овој проект е бидат значајни и индивидуално и за целата наша заедница, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Посебно е важно, додава тој, што се договорени и обуки за кадрите во училиштата и градинките, со цел да се осигура дека сите деца добиваат соодветна и квалитетна поддршка.

Ова, вели тој, е само почеток на соработката и се надева дека и со овој и со проектите кои следуваат, ќе се обезбеди помош за оние на кои им е најпотребна и ќе се подобри животот на сите граѓани на општина Кисела Вода.

Имплементацијата на денес договорените услуги со „Гаспар” – Центар за психофизичко здравје започнува во септември. Сите заинтересирани можат да добијат повеќе информации на следните контакти Надица 077/560-019, и Маријана 070/285-343