Македонија
27. August 2024 - 21:11

Експерти: Најавите за договор плус со Бугарија се оправдани, тоа го дозволува потпишаниот договор

Македонија и Бугарија можат по дипломатски пат да предолжат подобрување на Договорот за добрососедство за да се надминат блокадите. Таква можност е предвидена во самиот текст на договорот и е нужна за да се излезе од ќорсокакот, вели поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.  Според него ако досега Македонија беше во подредена состојба, потребно е јасно исцртување на македонцките позиции, па дури и преку дополнителен договор.

Ниту во Бугарија не се очекува менување на ставовите и при формирање на нова политичка влада. Бугарските аналитичари пак сметаат дека не е возможно репреговарање на веќе договореното меѓу двете страни.

Македонската влада ќе чека стабилна влада во Софија, за повторно да се отвори дијалогот. Премиерот Мицкоски не ја исклучува можноста за додаток на францускиот предлог ако тоа е неопходно.

-Ние сме соседи и треба да градиме добри добрососедски односи. Впрочем имаме и таков Договор за добрососедство кој треба да биде основа за да можеме да продолжиме понатаму. Додатоците од типот на Француски предлог можат да имаат уште еден додаток – Француски предлог плус итн.. Убеден сум дека нашиот источен сосед ако го гледа и својот интерес ќе му стане јасно дека процесот на преговори мора да почне за нас ако сакаме да имаме една целина како Балкан која ќе биде дел од Европската Унија. Убеден сум дека таму има политичари кои тоа сакаат да го видат, потенцира Мицкоски.

Уставните измени кои станаа услов за европското интегрирање на Македонија според изјавите на владините функционери ќе почекаат. Се барале решенија како да се одблокираат интеграциите, а собранискиот спикер вели дека прифатлив  е и ставот за уставни измени со одложено дејство, што веќе е консолидиран став во владината коалиција.