Македонија
27. August 2024 - 16:35

На Мицкоски му се нудел поткуп за да стави потпис на тендерот за пругата кон Бугарија

Преку канали за комуникација на премиерот Мицкоски му се нудел поткуп за да стави потпис на тендерот за пругата кон Бугарија тежок 560 милиони евра. Без да открива детали Мицкоски вели дека обидот е веќе пријавен до надлежните институции, а неговиот став за овој проект останува непроменет.

Додека сум јас премиер, никогаш нема да ставам потпис на проект, да потрошам пола милијарда пари на моите граѓани за проект кој завршува на половина тунел, на слепа улица. Бидејќи бев жртва на обид за поткуп поврзан со тој проект, јас кажав дека ваков каков што нема никогаш да го поддржам, затоа што тука не станува збор за македонските даночни обврзници, туку и на европските“, рече Мицкоски.

За обидот за поткуп но и за аргументите зошто овој проект нема да добие поддршка од оваа влада, Мицкоски вели дека  информирани се и парнерите од Европската комисија од кои добил и разбирање. Преговорите со Бугарија за изградба на железницата во следниот период ќе се одвиваат на многу повисоко ниво во Брисел.

„Морам да признаам дека од нашите соговорници од Брисел тоа беше со голема загриженост прифатено и добивме уверување дека истото ќе биде проследено. Од друга страна втората наша голема грижа е што овој проект не е цел, очекуваме иста така посветеност и загриженост каква што ние манифестираме и од бугарска страна, односно другата половина од тунелот да биде завршена, но и оние 5-6 километри со кои ќе треба да се поврзе со веќе постоечката пруга од бугарска страна зашто нам ни треба целиот Коридор, а не да потрошиме половина милијарда евра овде, а тие да не направат ништо, вели Мицкоски.

На прашањето до МВР дали и против кого е поднесена пријава и што се е досега превземено, добивме одговор дека министерството постапува по повеќе предмети кои се поврзани со криминал и корупција. Во моментот кога истите ќе бидат во напредна фаза соодветно ќе ја известиме јавноста. 

Иако изградбата на коридорите е во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ уште од периодот кога беа во опозиција, сепак ова е прво јавно признание на Мицкоски дека бил жртва на обид да биде поткупен. Дали е пристигната пријава и до јавното обвинителство, одговор не добивме, додека пак од организиран криминал велат дека ваква пријава до нив не е пристигната