Бизнис
27. May 2019 - 16:40

Капиталните инвестиции во првите 4 месеци полоши и од најлошите во 2018 година

Повторно потфрлува реализацијата на капиталните инвестиции. Во првите четири месеци капиталните расходи изнесуваат само 9,83 отсто или нешто повеќе од 40 милиони евра. Ова е послаб резултат и од минатата година, која беше најслаба во последната деценија, и за истиот временски период државата реализираше 11 проценти.

Од Транспорт, пак, велат дека од нивниот буџет заклучно со 22 мај годинава реализирани се 21,29 отсто и очекуваат силен раст на капиталните што се реализираат преку тоа Министерство.

-Најголема реализаиција има во делот на Гасификацијата односно заклучно со месец април реализирани се 26,7% или околу 400 милиони денари од вкупно предвидените 1 милијарда и 500 милиони денари. Голем прогрес има и во делот на изградба на пругата кон Република Бугарија како и реализација на проекти од комуналната инфрастуктура, се вели во дописот од Министерството за транспорт и врски.

Во пресметката на капиталните не влегуваат инфраструктурните проекти кои се спроведуваат преку Јавното претпријатие за државни патишта, каде што има добра реализација.

Ескпертите веќе предупредија дека можен е застој поради претседателските избори, но според нив недостасува дијалог меѓу владата, стопанстовото и експертите за приоритетите.

Минатата година беше една од најлошите за капиталните инвестиции. Владата ја прекрои државната каса со што скрати околу 300 милиони евра, а од нив реализирани беа само 65,6 отсто. Годинава за капиталните предвидени се околу 420 милиони евра.