Бизнис
2. јуни 2018 - 9:30

Каматите на историски најниско ниво, но далеку над европските

Не се очекува промена на каматните стапки на кредитите до крајот на годината. Можно е натамошно намалување, но според банкарите, нема простор за значајно намалување. Добрата вест, според нив, е дека движењето на каматните стапки годинава ќе биде во корист на крајните корисници. И за централната банка и за банкарите, каматните стапки се на историско најниско ниво, но, сепак, Македонија и земјите од регионот имаат повисоки просечни каматни стапки од земјите во Европа.

Податоците на НБРМ покажуваат каматите на кредитите во март годинава изнесувала просечно 5,67 проценти, на депозитите 1,48 процент. Во овој месец просечната каматна стапка на кредитите забележала намалување од 0,03 проценти, а кај депозитите 0,02 проценти.

Новите кредити, пак, се одобрувале по камата од 4,92 проценти, каде е забележано мало намалување од 0,06 процентни поени, додека просечната каматна стапка на новопримените депозити забележала месечен пад од 0,1 процентен поен и изнесува 1,47 проценти.

- Каматните стапки се секако на историскиот минимум и нивното зголемување пред се ќе зависи од политиката на централните банки, од движењето на инфралцијата и други објективни фактори. Среднорочно гледано зголемувањето може да се движи од еден до два процентни поена во однос на сегашната стапка, велат од ТТК банка.

Појаснуваат дека падот на каматните стапки, па и негативните каматни стапки на развиените пазари, се реалност подолго време.

- Меѓубанкарската каматна стапка Еурибор започна да се намалува од екот на светската финансиска криза, а на крајот на 2014 година премина и во негативната зона каде се наоѓа и денес. Каматните стапки на кредитите логично го следеа тој тренд, појаснуваат од ТТК банка.

Според нив, се очекува каматните стапки на денарските кредити оваа година да останат на приближно исто ниво од претходната година.

-Добра вест, истакнуваат, е дека во 2018 година не се очекува поскапување, ниту на девизните/индексирани кредити врзани со стапката на Еурибор, кои во изминатиот период го достигнаа минимумот. Ефектот на мерките на Европската централна банка би можеле да влијаат на цената на кредитите и да се почувствуваат во текот на 2019 година, така што не се очекува пад на каматите на девизните/индексирани кредити, туку нејзино задржување на слично ниво како и минатата година.

Посочуваат дека за корисниците на кредит секогаш се поставува прашањето дали идниот раст на трошокот на изворите на средства би се прелеал на растот на каматните стапки и додаваат дека одговорот зависи од постоењето на можностите за намалување на маржата.

- Во услови, велат на силна конкуренција, економски раст, зголемени таргети за очекувана добивка и кредитен раст, а при постоење институционален квалитет, фискална консолидација и пониски регулаторни трошоци би постоел и определен простор каматната маржа да го апсорбира можниот раст на каматните трошоци.

Граѓаните најмногу земаат потрошувачки кредити, а во пораст се и станбените кредити.

- Евидентен е значителниот раст на кредитите на домаќинствата со годишна стапка на промена 31.12.2017 во однос на 31.12.2016 година од 9,3 отсто, кој произлегува пред се од растот на станбените кредити за 13,7 отсто и потрошувачките кредити за 11,2 отсто, велат од ТТК банка.

Додаваат дека и во првиот квартал од 2018 година се забележува побрз раст на кредитите од секторот население, за разлика од растот на кредитите од секторот стопанство што произлегува, пред се, од станбените, хипотекарните  и потрошувачките кредити.

(МИА)