Македонија
24. January 2019 - 16:27

Како се живее во бездомничкиот пункт во Битола

55-годишниот Ѕвонко Андонов е еден од бездомниците кој ниските температури кои ја зафатија Битола ги помина во пунктот на Црвениот крст во Битола. Тој потекнува од Струмица, но веќе 9 години живее во Битола. Работи на пазарот, разнесува стока. Но, не можејќи да го плати станот во кој живееше, остана без покрив над главата. Од ноември е сместен во пунктот.

-Дојдов тука во пазарот, носев стока, работев и останав. Без покрив на главата бев 3 месеци додека не ме згрижија Црвениот Крст. Добро е сега, како можам да кажам лошо. Топло е, не можам да викам лошо, кога е добро. Има јадење, вода, се, вели Ѕвонко Андонов, згрижен бездомник.

Од Црвениот крст во Битола велат дека оваа година за разлика од минатата има поголем број згрижени бездомници. Моментално се четворица, од кои 24 часа седи само Ѕвонко. Дојавата оди преку Центарот за социјални работи или преку дежурните телефони на Црвениот крст. Лицето кое ќе биде пријавено мора да потпише изјава во Центарот за социјална работа, а потоа екипите на Црвениот крст го земаат, го сместуваат и го снабдуваат со се она што му е потребно за основни услови за живот. Постојано се во координација со Центарот за социјални работи, но и со МВР.

-Доколку има потреба за некое лице да се направи контрола, доколку е се во ред, нема проблем. Многу е лошо некое лице со криминално досие да влезе во пунктото за бездомници, вели Борче Пашовски, вд секретар на Црвен Крст Битола.

Од Црвениот крст напоменуваат дека лицето треба самото да сака да биде згрижено, зашто имале случаеви кога бездомници не сакале да бидат згрижени.

-Има лица во Битола кои имаат потреба, но не сакаат, заради револт кон системот или лични разбирања, тоа не можам да го кажам, но самото лице треба да сака, треба да ја пополни изјавата, да се заврши регулативата и ние же го сместиме, вели Пашовски.

Пунктот работи од 1 ноември до 1 март, а доколку има ниски температури ќе се продолжи и текот на месец март.