Јаневска ја презеде функцијата министер за образование и наука, најавува промени креирани врз база на темелна анализа
Модернизација на образованието и стимулација на научно-истражувачката дејност преку замена на импровизациите и ад хок одлуки со инклузивни долгорочни политики креирани со придонес на сите засегнати страни, најавува новата министерка за образование и наука Весна Јаневска која денеска ја презеде функцијата од досегашниот министер Јетон Шаќири.
Како што соопштија од МОН, по средбата Јаневска посочила дека многу скоро ќе почне процесот на темелна обнова на сите степени на формалното образование, но и на неформалното, а образовниот систем ќе биде синхронизиран со потребите на пазарот на трудот, за да не мора младите да бараат работен ангажман надвор од границите на татковината.
- Немаме намера да импровизираме во образованието. Имаме првичен и добар план за промени кои се креирани врз база на темелна анализа на моменталните состојби, во консултации со стручни лица и пошироката популација. Така што, од сите чинители на воспитно – образовниот систем очекувам поддршка за процесите кои предвидуваат крупни промени. Секако, во меѓувреме секоја сугестија ќе биде добредојдена, рекла Јаневска.
Таа се заблагодарила на довербата дадена од мандатарот на Владата да раководи со ресорот, од кој, според неа, најмногу зависи иднината на државата и нагласила дека секоја конструктивна идеја ќе се разгледа со должно внимание, независно од каде доаѓа.
-Сите сме согласни дека промените се неопходни и важно е единството и енергијата да ги одржиме на високо ниво во периодот што следи, затоа што нè чека многу работа. Младите мора да ги задржиме тука, каде што и припаѓаат, а квалитетното образование и можностите за искористување на личниот потенцијал во својата земја, се најголем мотив за тоа. Во никој случај нема да бидат заборавени ниту научните работници, затоа што, науката како што доликува, мора да биде клучен столб на кој ќе се потпира нашиот национален просперитет, додала новата министерка.
Потенцирала дека особено внимание ќе се посвети на инклузивното образование, со цел, како што рекла „да го развиеме и унапредиме во најдобар интерес на учениците со попреченост, во соработка со нив и нивните родители“.
Јаневска е родена на 27.6.1958 година во Скопје. Таа е доктор на медицина, специјалист по патологија и доктор на науки. Од 2011 година е редовен професор на Иститутот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје, каде и го стекнува своето академско образование.
Ново на Сител
-
Почна Самитот на НАТО
-
Тема на денот со Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација
-
Мали шанси за тет-а-тет средба Мицкоски-Мицотакис, официјална Атина сепак ќе се „жали“ за Преспанскиот договор
-
Почнува Самитот на НАТО во Вашингтон, Украина високо на агендата
-
Нова инвестиција: Вабтек го шири производството - 100 нови вработувања
-
Никој не се чувствува виновен за проневерата од 5 милиони евра за спортските ваучери
-
Затворски казни за обвинетите во „Синџир“ кои затајувале данок
-
Хаос пред ЈСП: Директорот и синдикатите се караа кој е виновен што автобус вчера удри во жардиниера