Македонија
9. July 2024 - 17:12

Никој не се чувствува виновен за проневерата од 5 милиони евра за спортските ваучери

Ниту Дарко Каевски, ниту Наумче Мојсовски двајцата директори кои раководеа со Агенцијата за млади и спорт не се чувствуваат виновни за злоупотреба на спортски ваучери, што Обвинителството им ја става на товар. Уште десет други обвинети денеска во Кривичниот суд се произнесоа дека не направиле никаква злоупотреба, иако според Обвинителството сите заедно го оштетиле буџетот за 5 милиони евра.

Обвинителката Лидија Рајчевиќ, која го води случајот денеска го приложи пред судот предлог обвинението. Вели очекувала обвинетите да се произнесат дека не се виновни, но најави над 25 сведоци кои ќе сведочат за сторената злоупотреба на ваучери преку Агенцијата за млади и спорт.

Воведниот говор на обвинителката очекувано наиде на критики кај дел од адвокатите и обвинетите. Нејасно било врз што се темели обвинението, бидејќи ништо не било образложено смета адвокатот Владимир Туфегџиќ, кои застапува тројца од обвинетите, за кои тврди дека се невини.

На денешното рочиште освен слаткоречиво сеење магла од страна на обвинителката, не беше презентиран ниту еден доказ, изјави третообвинетиот Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет.

Сомнежите ги покрена ДКСК, дека обвинетите од 2019 до 2023 година не ги почитувале критериумите за доделување средства преку ваучери, односно незаконски ги доделувале на одредени корисници, федерации и клубови согласно нивните интереси, и го оштетиле буџетот за 5 милиони евра, но и лицата кои имале законско право на тие пари, а не ги добиле.

Каевски беше директор на Агенцијта за млади и спорт до 2020 година, а потоа на негово место дојде Наумче Мојсовски.

 Следното рочиште е закажано за 19 септември.