Македонија
6. October 2024 - 16:33

Потребна е поголема поддршка на жените земјоделки

Ограничен пристап до финансии, ресурси, но и слаба едукација, ова се дел од проблемите со кои се соочуваат жените земјоделки во државата. За да се осигураат рамноправни можности и во овој сектор сметаат дека е потребна и поголема поддршка. Веруваат дека на тој начин, бројот на млади девојки и жени кои ќе одлучат да ја градат својата иднина во земјоделството ќе се зголеми. Во спротивно, нивниот број и понатаму ќе се намалува, што ќе има негативни последици за целиот сектор.

Инвестирањето во програми за обука е клучен фактор за развој. Жените фармери потврдуваат дека работите се поместени од мртва точка, но тоа не било доволно за да се следат современите трендови и потреби на пазарот.

На последниот саем за земјоделство во Струмица, жените покажаа дека можат не само да ги водат своите земјоделски стопанства, туку и да бидат успешни претприемачи. Презентираа свои производи и успешни бизнис приказни со што потврдија дека нивниот придонес е многу значаен  во развојот на земјоделството.