Свет
18. March 2025 - 9:12

Израелски воздушни напади во Газа: Најмалку 200 загинати, стотици повредени

Најмалку 200 лица загинаа во израелски воздушни напади врз Појасот Газа, соопштија палестинските здравствени власти, откако рано утрово беа погодени десетици цели во енклавата, со што беше ставен крај на неколкунеделниот обид за продолжувањето на прекинот на огнот, кој ги запре борбите во јануари.

Според извештаите, нападите погодиле повеќе населени места, вклучувајќи го северниот дел на Газа, градот Газа, како и подрачјата Деир ал-Бала, Кан Јунис и Рафа во централниот и јужниот дел на енклавата.

Здравствените власти во Газа соопштија дека меѓу загинатите има голем број деца.

Израелските одбранбени сили изјавија дека погодиле десетици цели и најавија дека нападите ќе продолжат „онолку долго колку што е потребно“ и нема да бидат ограничени само на воздушни удари, што укажува на можност за повторно активирање на копнените операции.

Нападите беа далеку помасовни од редовните израелски удари со дронови насочени кон осомничени милитанти. Оваа ескалација уследи по неуспешните обиди за продолжување на прекинот на огнот договорен на 19 јануари.

Стотици жртви и преполни болници

Во болниците низ Газа, кои се веќе преоптоварени од 15-месечните борби, пристигнаа десетици жртви, а мноштво тела беа поставени во крвави пластични вреќи.

Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека нивни тимови пренеле 86 загинати и 134 повредени, но многумина биле донесени во болниците со приватни возила. Болниците „Насер“ во Кан Јунис, „Ал Акса“ во централниот дел на Газа и „Ал Али“ во градот Газа примиле околу 85 жртви, а 16 лица од едно семејство загинале во напад во Рафа.

Израел го обвинува „Хамас“, Белата куќа го поддржува нападот

Портпаролот на Министерството за здравство во Газа потврди дека бројот на загинати е најмалку 200.

Палестинското движење „Хамас“ го обвини Израел за кршење на прекинот на огнот и предупреди дека ова ги остава во неизвесна судбината на 59-те заложници кои сè уште се наоѓаат во Газа.

Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини „Хамас“ за „постојано одбивање да ги ослободи нашите заложници“ и за отфрлање на предлозите на специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф. „Отсега натаму, Израел ќе дејствува против ’Хамас‘ со зголемена воена сила“, се вели во соопштението.

Белата куќа потврди дека Израел се консултирал со администрацијата на САД пред нападите, кои, според израелската армија, биле насочени кон команданти и функционери на „Хамас“, како и кон нивна воена инфраструктура.

– Хамас можеше да ослободи заложници за да го продолжи прекинот на огнот, но наместо тоа избра одбивање и војна, изјави портпаролот на Белата куќа, Брајан Хјуз.

Во меѓувреме, очевидци во Газа изјавија дека израелските тенкови гранатирале делови од Рафа, принудувајќи многу семејства, кои се вратиле во своите домови за време на прекинот на огнот, повторно да избегаат кон север, кон Кан Јунис.