Свет
13. September 2016 - 9:35

Израелската авијација бомбардира цели на сириската војска

Израелската воена авијација денеска бомбардираше цели на сириската војска, откако проектил, истрелан од територијата на Сирија, падна вчера на Голоанската висорамнина, која е контролирана од страна на Израел. 

Како што е наведено во израелското воено коминике, цел на воздушните удари биле сириските артилериски позиции во центарот на Голоанската висорамнина. 

При падот на проектил во Израел нема повредени лица, пренесува БТА.

Претставник на израелската армија изјави дека веројатно не станува збор за планиран напад во земјата, туку дека проектилот е истрелан како резултат на конфликот во Сирија. 

Израелската армија сепак ја смета за одговорна сириската Влада за секој истрел од нејзината територија. 

Слични инциденти не се реткост. Вчерашниот е четврти по ред во текот на изминатите девет дена. 

Синоќа во Сирија, стапи во сила договорот за прекин на огнот, кој беше направен меѓу Русија и САД. 

Израел се обидува да не се вмеша во конфликтот во соседната земја, кој трае веќе пет ипол години, но сепак нанесува удари врз сириските воени објекти, секогаш кога е нападната неговата територија. 

Израел одзеде дел од Голоанската висорамнина од Сирија за време на Шестдневната војна во 1967 година. Потоа тој ја анектираше преземената територија, чекор кој не е признат од меѓународната заедница.