Македонија
16. November 2017 - 11:57

Измени на законот за заштита на личните податоци по заклучоците на Прибе

Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) изготви измени и дополнувања на постојниот закон што произлегуваат од забелешките на Прибе. Измените на Законот за заштита на личните податоци се поставени на ЕНЕР. 

Директорот на ДЗЛП, Горан Трајковски, за МИА објаснува дека измените во перинцип се однесуваат на забелешките на Прибе пред се, во јакнење на независноста на Дирекцијата, односно нејзино прераснување во  Агенција, во делот на изборното законодавство во делот на објавувањето на Избирачкиот список и третата измена е делот на поедноставување и утврдување поефикасни методи за супервизија и контрола кај имателите на збирки на податоци. 

Во однос на Избирачкиот список, Трајковски посочи дека ДЗЛП го предлага старото решение Дирекција да има надлежност и право да врши надзор и во Избирачкиот список.

-Исто така тоа веруваме дека ќе направи измена и во Изборниот законик што во моментов е амнестиран од примена на одредбите за заштита на личните податоци, рече Трајковски.  

Информираше дека инспектори на ДЗЛП, во согласност со препораките од извештајот на Прибе, биле обучени за заштита на лични податоци за контрола на телекомуникациските компании и на органите за спроведување на законот, односно како што кажа Трајковски, за се она што беше актуелно со прислушувањето во Македонија. 

ДЗЛП, која денеска организираше настан за промоција на нова кампања и завршни проекти, во ревидираниот Извештај на Прибе, според Трајковски, се посочува како единствениот независен орган кој презел видливи активности и постигнал значителни материјални резултати во насока на корективните мерки кои треба да се преземат од страна на Министерството за внатрешни работи - Управата за безбедност и контраразузнавање. 

Паралелно се води јавна расправа за комплетно нов закон за заштита на личните податоци врз основа на европските стандарди.

Во сабота почнува нова медиумска кампања за покревање на јавната свест за заштита на личните податоци.