Македонија
10. February 2017 - 9:11

Изложба на скулптури од Каранфилова-Стевановска и Миле Брцески во Велес

Народниот музеј од Велес во соработка со Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп организираше изложба на скулптури од Валентина Каранфилова-Стевановска, насловена  „Македонија“, и од Миле Брцески, насловена  „Компаративна игра“, која синоќа беше отворена во Ликовниот салон во Велес. 
 
На изложбата се претставени четири реплики на штитовите на македонската фаланга во изработка на Каранфилова-Стевановска и пет скулптури изработени од Миле Брцески.
 
Елица Николова, историчар на уметноста и директор на Народниот музеј во Велес, на отворањето на изложбата рече дека репликите на штитовите на македонската фаланга ја пренесуваат идејата за љубовта кон татковината, за нејзината историја и традиција што, како што рече, остава белег врз поголемиот дел од творештвото на авторката.
 
- Следејќи го својот порив, трансформирајќи ја сложената приказна за македонското битисување, визуелно, уметнички ја претставува во едно постмодерно разбирање на уметноста. Во симболично претставените штитови, предадени со поголеми димензии и изработени со соодветни оригинални гравури, без оглед на медиумот и материјалот на изработка, се глорифицира македонското издигнување меѓу народите и вековната борба во опстојувањето на македонската нација, рече Николова.
 
За делата на Брцески, пак, рече дека нудат реалистично-фигуративен концепт. - Притоа  е реализирана идејата која е содржана низ процесот на метаморфоза и трансформација на духовните и традиционални вредности, прикажанио преку играта на човекот-дете, преку полното и празното, преку блискоста и далечината, рече промоторката. 
 
Скулпторката Валентина Каранфилова-Стевановска има учествувано на повеќе групни изложби, а оваа и е 12 самостојна. Позната е по изработката на споменикот на Александар Македонски - Воин на коњ и фонтана во центарот на Скопје и на уште неколку споменици.
 
Миле Брцески учествувал на повеќе групни изложби, а оваа му е втора самостојна, по првата која ја имаше во 2015 година во Прилеп. Автор е на повеќе скулптури поставени на јавни места и во институции во Скопје.
 
Нивната изложба во Ликовниот салон во Велес за отворена ја прогласи Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија.