Изградба на две улици кај висококатниците во Аеродром
Деновиве се очекува да почне изградба на две комплетно нови улици, во непосредна близина на висококатниците „Џеваир скај сити“ во општина Аеродром.
Станува збор за изградба на нова фекална и атмосферска канализација, асфалтирање и соодветно јавно осветлување на двете улици со цел да се овозможи пристап до новоизградените објекти и да се реши инфраструктурната мрежа на таа локација.
Како што информираат од општина Аеродром, двете улици се со вкупна површина од околу 6.000 м2 со по две сообраќајни ленти со широчина од по 3 метри и тротоари широки по 2 метри.
Фекалната канализација ќе се изгради во должина од 400 метри, атмосферската канализација од околу 360 метри, додека јавно осветлување ќе биде поставено во должина од 400 метри. Целиот проект се очекува да чини околу 20 милиони денари.