Свет
29. јуни 2017 - 9:40

Италија се закани со забрана за пристап на бродови со мигранти

Италијанската Влада се закани дека ќе ги затвори пристаништата во Италија за прием на странски бродови, кои превезуваат мигранти.

Неименуван функционер на Владата во Рим изјави дека ваквата идеја веќе била разгледувана на владина седница и дека Италија доаѓа до „точката на заситување“ со мигрантите.

Над 73.000 мигранти во текот на оваа година пристигнаа на италијанскиот брег, а само во изминатите четири дена пат од Северна Африка кон европскиот континент се упатија уште околу десет илјади други.

Најголемиот број од сите мигранти од северноафриканскиот брег тргнуваат од Либија и на крај завршуваат во Италија.

По насилното соборување од власта на либискиот лидер Моамер Гадафи и неспсобноста на разните исламистички групи да се обединат и да се договорат за иднината на земјата, Либија остана без централна влада и без контрола на границите и морскиот брег, претворајќи се во „порта“ за влез во Европа.

Освен од земјите на потсахарска Африка, преку либиската територија и Медитеранот, се префрлаат и мигранти од Арабискиот Полуостров, Египет, Сирија и Бангладеш, кои бегаат од воени судири, но и од сиромаштијата и од прогоните на кои се изложени во своите земји.

Заканата на Италија за блокирање на своите пристаништа, уследи откако италијанскиот претсавник во ЕУ во специјално писмо предупреди дека „работите со мигрантите се веќе неодржливи“.

Италијанскиот премиер Паоло Џентилони ги обвини другите земји членки на ЕУ дека се прават како да не гледаат што се случува и дека едноставно „ја вртат главата на другата страна“.

Неговиот претходник и актуелен лидер на владејачката Демократска партија, Матео Ренци тврди дека италијанската јавност е „огорчена од оваа состојба“ и побара стратегија на ЕУ на подолг период.

Главниот товар на мигрантите во ЕУ го носат Иалија, Грција и помалку Шпанија, како и Германија, која на својата територија прими повеќе од 900 илјади мигранти.

Државите членки на ЕУ од Средна Европа, пред се земјите од „Вишеградската четворка“ - Унгарија, Полска , Чешка и Словачка, и натаму одбиваат да примаат бегалци.