Македонија
3. September 2024 - 12:25

Инсталација на паметни водомери во три пилот општини

Започна инсталацијата на паметните водомери во трите пилот општини, Кавадарци, Дојран и Крушево. Во следниот период ќе бидат поставени 1000 паметни водомери, со вкупна вредност од близу 200 000 евра, донација од Германското друштво за техничка соработка. Извршено е примопредавање на водомерите во владение на јавните комунални претпријатија, а со тоа и на крајните корисници, во чии домови ќе бидат инсталирани.

- Бенефитот за ЈКП „Комуналец-Полин“- Стар Дојран, ќе биде пред се контролата на потрошувачката на вода во реално време или во рок од 24 часа ќе имаме увид во системот за водоснабдување. Од друга страна, крајните корисници ќе знаат колку вода потрошиле и колку ќе треба да платат. Ова за нашето претријатие ќе значи почетна фаза од дигиталната трансформација на водните услуги, изјави Ненад Сребренов, директор на ЈКП „Комуналец-Полин“- Стар Дојран

Дигитализацијата на работата на јавните комунални претпријатија е неопходен процес за модернизација на водните услуги. Скоро 2/3 од вкупната произведена вода не се фактурира, односно, се води како загуба, поради застарената водоводна мрежа, дефекти или кражба на вода. Новите паметни водомери овозможуваат инстант детекција на дефекти, надзор над потрошувачката и намалување на протокот за неплаќачите. Сето тоа се следи преку платформа преку која се набљудуваат, мониторираат и управуваат водомерите.

- Ние, иако без целосно докази, знаеме дека имаме големи загуби во системот. Дали е тоа поради мерните инструменти, дали е поради дефекти, не можеме точно да кажеме се додека не се заврши целиот систем, за да можеме да имаме попрецизни податоци за загубите на вода. Дигитализацијата ќе започне кога ќе дојдеме при крај со местењето на водомерите. Без мерни инструменти ние не можеме да имаме целосна слика, изјави  Даница Кочовска, раководител во ЈКП „Комуна“- Крушево

Постапката на инсталација на паметните водомери е многу едноставна. Откако ќе биде поврзан на водоводната мрежа, се приближува картичката до RFID читачот, се притиска копчето, се вклучува екранот и се појавува соодветна порака, со што комуникацијата со ИТ платформата е воспоставена.