Македонија
9. December 2020 - 21:22

Има ли говор на омраза во македонските медиуми – Анализата на бугарски дневник покажува дека нема системска омраза туку критика

Има ли говор на омраза кон Бугарија во македонските медиуми? Тамошната министерка за надворешни, Захариева тврди дека во последните неколку месеци биле забележани 10 илјади натписи со говор на омраза.

Анализирајќи ги состојбите, бугарскиот новинар Ангел Петров вели дека формулацијата „говор на омраза“ е несоодветна. Во одговорот што го добиле од бугарското МНР, од кое побарале кои се тие анализи, пишува дека мониторингот кој бил правен, биле собирани негативни квалификации насочени кон Бугарија. Тој го поставува прашањето колку од овие текстови се всушност говор на омраза во социјалните мрежи, а колку и дали се дел од традиционалните медиуми.

- Нема системски говор на омраза, но тоа не е причина за спокојство и не е причина за радост. Затоа што во позадина на тоа слика во Скопје не се гледа системска омраза кон Бугарија, но за жал се гледа еден системски негативен и лош одраз кон Бугарија и тогаш кога нема владини изјави за притисок и вакви тврдења кон Северна Македонија, зборувам за последните состојби, вели Петров.

Но со растот на тензиите помеѓу двете држави, растат омразата и нетрпеливоста меѓу граѓаните на Бугарија и Македонија на социјалните мрежи. Сепак, станува збор за интернет простор кој многу тешко се регулира. Македонското МВР соопшти дека ќе казнува за поттикнување говор на омраза кон Бугарија на социјалните мрежи. Бугарија засега нема преземено ваков чекор.

Поголемиот проблем е во социјалните мрежи. И таму можат да се видат работи кои не се дозволени. Не станува збор воопшто за конкретните односи меѓу Македонија и Бугарија. Станува збор за какво било општење меѓу луѓе и за работи кои не се дозволиви, без разлика на тоа дали мислиш дека од другата на границата е Татарин, или не дај Боже дека твојот сосед е бугараш и треба да биде навредуван. Станува збор за елементарна етика на човечко однесување, која за жал се нарушува и која за жал не е во прашање дали и што може да направи Македонија. Јас разбирам дека регулацијата на социјалните мрежи е сложена тема, затоа што освен владино внимание, бара можеби и вмешување на самите социјални мрежи, појаснува Петров.

Петров вели дека денешната средба помеѓу Захариева и специјалниот пратеник Бучковски дава надеж за скоро решавање на спорот. Но, најтешко ќе биде да се изнајде решение за јазикот, со оглед на тоа што малцинството и територијалните претензии се решени со Договорот за доброседство.