Македонија
20. April 2021 - 17:31

ИЈЗ: Се намалува бројот на позитивни и починати од Ковид-19

Намалување од 24,3 отсто на бројот на позитиви случаи на КОВИД-19 во земјава во изминатата недела регистрира Институтот за јавно здравје.  Намалување има и кај бројот на смртни случаи, пријавени се 206 смртни случаи од 26 градови, што е за 25,4 отсто помалку во однос на минатата недела. Процентот на позитивни случаи од вкупно тестирани се движи од 15,3 до 27,9 отсто или во просек 22,6 отсто. Доминантен сој кај примероците што се земени од заразените е британскиот.

-Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 12 до 18 април 2021, тестирани се вкупно 21763 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намување од 20,4 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 5.199 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 24,3 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.086; 40,1%), со неделна инциденца – 337,7/100000. Највисока неделна инциденца од 397,4/100000 е регистрирана во Битола. Процентот на позитивност се движи од 15,3 до 27,9 отсто, просечно 22,6 осто, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Институтот за јавно здравје регистрира заболени лица во сите возрасни групи.

-Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=1.722, 33,1%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=919; 17,7%), 40-49 (n=882; 17,0%), 30-39 (n=835; 16,1%) и 20-29 (n=506; 9,7%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=95; 1,8%) и 10-19 години (n=240; 4,6%). Се забележува намалување кај сите возрасни групи во споредба со минатата недела, се додава во соопштението.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 5.921 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 3,1 отсто во споредба со минатата недела.

Пријавени се 206 смртни случаи од 26 градови, 25,4 отсто помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 175 лицa биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години, по 5 лица од возрасните групи од 40-49 и 30-39 години и еден од 20-29 години.

-Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ се изврши секвенционирање на 48 селектирани SARS CoV-2 позитивни примероци. Истите беа одбрани од периодот 01-31.03.2021. Резултатите од секвенционирањето покажаа присуство на генотипот UK variant кај 98 отсто од тестираните пациенти. Дополнително, направено е скринирање за присуство на варијанти од посебно внимание на 200 пациенти кој детектира пет варијанти. Доминантен сој застапен со 100% меѓу тестираните примероци е т.н британска варијанта, информираат од Министеството за здравство.

Заклучно со 18 април вкупно се вакцинирани 7020 здравствени работници со прва доза (4019 – Pfizer/Biontech и 3001 – Sputnik V) и 6750 (3891-Pfizer/Biontech и 2895- Sputnik V) со втора доза на вакцина против КОВИД-19. Од 31март 2021 почна вакцинација на населението за лицата над 73 години и заклучно со 18 април 2021 вакцинирани се 13575 лица. Од 5 април 2021 се започна масовна вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“, каде се вакцинирани вкупно 18.376 лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 15 до 21 март 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.