Свет
18. January 2020 - 18:45

И покрај дождовите, во Австралија и натаму беснеат пожари: Сега државата мора да се справи и со поплавите...

Десетици шумски пожари продолжуваат да горат и денес на југоистокот на Австралија, додека силните дождови и грмотевици го погодија североистокот на земјата.
 
Неколку главни автопати се блокирани, а тематските паркови во Квинсленд се затворени поради силните дождови. Десетици возила се уништени во поплавите, соопштија локалните власти.
 
„Силните и интензивни дождови ослабеа, но врнежите и грмотевиците ќе траат и во текот на викендот. Внимавајте додека возите, доколку патиштата се поплавени, не одите по тие патишта“, објавија од државниот метеоролошки завод на Австралија.
 
Само полицијата во Квинсленд добила преку 50 дојави за поплавени патишта ширум државата.
 
„Дождот продолжува да паѓа на повеќе подрачја зафатени од пожарите, а влажното време треба да стигне до јужиот брег и долж границата“, напишаа од пожарникарската служба на Квинсленд на социјалната мрежа Твитер.
 
Инаку, во државата Викторија и натаму беснеат десетици пожари од кои најголемиот дел се во Гипсленд и североисточните региони. Квалитетот на воздухот исто така е влошен.