Македонија
30. December 2018 - 8:38

И Мијалков замина во куќен притвор, Јанева верува дека нема да има бегства

И поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој е еден од осомниченте во случајот „Империја“ доби мерка куќен притвор, откако претходно таква мерка беше изречена за преостаните притворени за случајот, Јордан Камчев, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Цветан Панделевски.

-Постапувајќи по предлог на Специјалното јавно обвинителство судијата на претходна постапка го прифати предлогот за укинување на мерката притвор и определување мерка куќен притвор за обвинетиот С.М. во случајот од Обвинителството означен како „Империја“, соопштија за МИА вчера од Основниот суд Скопје 1.
Апелацискиот суд Скопје на затворена седница за јавноста донесе одлука мерката притвор да се замени со куќен притвор и за Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски, кои се обвинети во други случаи на СЈО.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева смета преиначувањето на мерките притвор во куќен притвор, кое беше направено неделава за осомничени и обвинети во случаите „Империја“ и „Титаник“, по предлогот на СЈО до судот е позитивно за владеењето на правото и за реформите кои се спроведуваат. Уверена е дека лицата за кои е одреден куќен притвор нема да побегнат.

– Во однос на сегашните одлуки за притвореници кои се во случајот „Империја“ и за оние во „Титаник“ за Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски во периодот во кој беа во притвор се прибраа доволно докази и се анализираат сите аспекти за тоа дали и до кога би можеле да бидат во притвор и дали би можело со друга мерка да биде обезбедно нивното присуство. Сметавме дека тоа е добро за реформите, за владеењето на правото овие лица во следниот период да бидат во куќен притвор и тоа е доволно да биде обезбедено нивното присуство, вели Јанева.

Во врска со можноста за нивно бегство смета дека во моментов е доволна мерката куќен притвор, со одземање на некои права.

Освен по барањата за укинување на притворите, судот одлучува и за барањата за амнестија доставени согласно Законот за амнестија за случувањата во Собранието на 27 април минатата година.

Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија петтемината пратеници – Мукоски, Арнаудов, Василевски, Тарчуловски и Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Владо Јованмовски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер, Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.

Судењето за „27 април“ продолжува на 15 јануари и својата правда пред судот останува да ја бараат обвинетите Игор Дурловски, Митко Чавков, Јане Ченто и Игор Југ кои не бараа амнестија, како и 14-мината на кои барањата за амнестија им беа одбиени.

Јавната обвинителка Вилма Рускоска, по донесувањето на  Законот за амнестија, рече дека не е задоволна од него, но и дека нема да има преквалификација на делото за обвинетите што не се опфатени со амнестијата.

– Преквалификација нема да има за тие обвинети што не се опфатени со амнестијата, затоа што не важи амнестијата за целото кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, посочи тогаш Рускоска, нагласувајќи дека според Законот за амнестија во делот кој кажува кој нема да биде опфатен со амнестијата се организаторите и нарачателите.