Македонија
13. јуни 2018 - 16:57

И фармацевтите се противат на квотите во аптеките

Ограничените квоти за аптеките и немањето на лекови на рецепт не е проблем само за пациентите туку и за аптекарите. Во Фармацевтската Комора изминатите неколку години, секој месец добиваат реакции од нивните членови дека парите што ги добиваат од Фондот не им стигнуваат за болните да ја добијат неопходната терапија.

-Со промената на формулата за формирање на квотите, порано помалку а сега веќе се поголем број на аптеки реагираат дека до одреден датум на месецот немаат квота, вели проф. Др. Бистра Ангеловска, претседател на Фармацевтска Комора.

Ангеловска вели дека идеално решение за сите е да нема квоти. Додека бидат создадени услови за тоа, работна група од Комората и Фондот работеле на  промена на формулата и подобра распределба на парите до аптеките. Исто така бараат од квотите да бидат иземени скапи лекови кои чинат од 2 000 денари па нагоре,  бидејќи поради неисплатливост на аптеките да ги даваат на рецепт, пациентите остануваат без терапија.

-Подобра распределба на средства, електронска поддршка, како и адекватно плаќањ ена услугата на фармацевтот која не е сменета последните 10 години, вели Ангеловска

Побаравме изјава од менаџерите на Фондот како утврдуваат која аптека колку пари ќе добие, и добивме само краток одговор дека прераспределбата сега била како и изминатите 10 години. Но со месеци наназад, болните после 15-ти во месецот реагираат дека нема лекови на рецепт.