Македонија
6. January 2025 - 16:35

И денеска реакции за ветото на претседателката Сиљановска Давкова

Ветото на претседателката Сиљановска предизвикува посилни политички отколку правни последици. Политичкиот аналитичар Пeтар Арсовски не очекува овој чекор да донесе посериозни несогласувања во владината коалиција, но несомнено повторно ги погрева етничките тензии. 

Потегот на Сиљановска и денеска предизвикува партиски реакции. Преку писмено соопшение од ДУИ порачуваат дека се загрижени и разочарани од омразата и недостатокот на волја за соживот. 

- Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом, стои во реакцијата на ДУИ 

Од Левица пак и денеска го поздравуваат потегот на Сиљановска

- Непотпишувањето на Указот за воведување на двојазични лиценци во градинките од страна на претседателката Сиљановска, Левица смета дека е во рамките на уставно-правните норми и заштитата на македонскиот јазик како кохезивен фактор во Републиката! - се вели во соопштението на Левица

Од Владата пак вчера порачаа дека Законот за заштита на децата ќе биде доработен според забелешките на претседателката, па повторно вратен во собраниска процедура, додека до овој момент нема реакција од коалицискиот партнер Вреди. Законот за заштита на децата е првиот закон за кој Сиљановска го употреби правото на вето и не го потпиша указот. Спорни според нејзе се одредбите од законот кои предвидуваат двојазични лиценци во градинките, бидејќи како што стои во забелешките „начинот на употреба на македонскиот јазик и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ се веќе уредени со Закон. 

Одлуката како што појаснија од нејзиниот кабинет е донесена во консултации со правни експерти.