Македонија
1. July 2019 - 9:58

Хуманитарна трка за прилепскиот Центар за лица со церебрална парализа

Над 2.000 прилепчани синоќа учестуваа во големата хуманитарна трка низ улиците на градот, организирана по втор пат од прилепскиот бизнис сектор и од локалната самоуправа. Собраните средства од котизацијата за учество на трката во висина од по 100 денари се наменети за Центарот за лицата со церебрална парализа.

Од бизнис секторот и од прилепската локална самоуправа се заодоволни  од големиот одзив за учеството на хуманитарната трка.

–  Задоволство е да се види големиот одзив на учесниците. Клучно и најбитно e да се види дека се гради свеста за колективната припадност, рече Ирена Јакимоска, стопанственик и претседател на регионалната стопанска комора во Прилеп.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски на чија иницијатива беше отворен Центарот, втор во земјава, прецизира за што ќе бидат наменети средствата.

– Собраните средства од оваа хуманитарна трка ќе бидат наменети за купување нагледни средства за Центарот кои ќе им помогнат на лицата со церебрална парализа во нивните активности, рече Јованоски.

Игор Темелкоски, родител на дете со церебрална парализа вели дека се задоволни од работата на Центарот кој сакаат да прерасне во Рехабилитациски центар.

– Откако почна да функционира Центарот, задоволни сме од неговата работа, од грижата на персоналот за децата. Би сакале, ако е можно тоа, дневниот центар да прерасне во Рехабилитациски, рече Темелкоски.

Од Центарот за лица со церебрална парализа велат дека е за поздравување ваквата хуманост на прилепчани и оти секоја акција е добредојдена.

-Средствата и помошта секогаш се добредојдени. Колку што има повеќе услови, нагледни средства, помагала за Центарот, толку ќе бидат и поквалитетни помошта и грижата за лицата со церебрална парализа, вели Бранка Пројческа, вработена во Центарот.

Нела Јездиќ од прилепскиот Центар за лица со церебрална парализа рече дека на дечињата со церебрална парализа, сместенни во Центарот им се најпотребни љубовта, грижата, социјализацијата, физикалната терапија кои, како што посочи, секојдневно ги добиваат.

Организаторите на втората по ред хуманитарна трка се надеваат дека таа ќе стане традиционална.