ХС „Злетовица“ работи нерентабилно
Технички проблем е причината што жителите на Штип се уште не можат да ја пијат водата од Хидросистемот „Злетовица“, а која доаѓа од браната Кнежево, изградена во недопрен и живописен предел на Осоговските Планини. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски забележува дека од страна на ЈП „Исар“ направено е тестирање за прием на водата, што пристигнува преку цевковод до филтер станицата, анализите покажуваат поголема матност на водата, за која пред да се пушти низ градскиот водоводен систем потребни се големи трошоци за да се преработи.
Консултирани се експерти од Словенија, а почнато е и преградување со бетонски пречки, кои што ќе ја намалат силината на водата, која пристигнува од цевководот.
Бочварски се надева дека на овој начин ќе го решат проблемот, со цел општината и штипското комунално претпријатие „Исар“ да не се изложуваат на трошоци за купување дополнителна опрема.
- Како Општина Штип веројатно ќе почнеме, откако ќе го санираме овој проблем со делумно користење на водата од Хидросистемот „Злетовица“, со нашата постоечка вода од штипските бунари. Така што ќе имаме ваков концепт на самиот старт, при заматување на водата од Хидросистемот „Злетовица“ веднаш да се запре водата и да се префрлиме на користење на бунарската вода, вели Бочварски.
Тој забележува дека општината и граѓаните се уште го плаќаат и кредитот од 450.000 евра за доизградба и реконструкција на Филтер станицата, за да ја прими водата од ХС „Злетовица“, затоа во интерес на сите е и да се користи оваа вода.
Свети Николе и Пробиштип ја користат водата за пиење од ХС „Злетовица.
Најсовремениот и најголемиот систем за водоснабдување во источниот регион ХС „Злетовица“ работи нерентабилно. Граден е со цел од него со вода да се снабдуваат општините Штип, Свети Николе, Пробиштип, Лозово и Карбинци. Но, засега со вода се снабдуваат само општините Пробиштип и Свети Николе, а кои со приклучувањето на системот го решија проблемот со недостаток на водата за пиење во текот на летните месеци.
Штип има технички проблем со Филтер станицата, а Лозово и Карбинци немаат изградено Филтер станици, ова се пречките на трите општини, кои не се приклучени на ХС „Злетовица“ На почетокот на годината вицепремиерот Кочо Анѓушев реализираше состаноци со градоначалниците, при што е формурана и работна група, која ги детектира проблемите и колку ќе чини нивното решавање, со цел системот да работи рентабилен.
Иле Илиевски, в.д директор на ХС „Злетовица“ потврдува дека претпријатието работи нерентабилно, бидејќи засега имаат само двајца корисници, а тоа се јавните претпријатија на Свети Николе и Пробиштип.
- Потребно е во интерес на рентабилноста да бидат вклучени и сите други општини, што се предвидени во проектот од фазата еден, односно водоснабдување од ХС „Злетовица“. Тоа значи дека општина Штип треба да се приклучи на нашиот систем за водоснабдување, а исто така и Карбинци и Лозово, кои што во моментов изработуваат техничка документација за изградба на филтер станици, за да можат да ја примаат водата, бидејќи со нашиот проект имаме изградено цевководи до сите општини, вели Илиевски.
Во моментов општините Свети Николе и Пробиштип должат вкупно 21 милион денари за испорачана вода од ХС „Злетовица“. Најголем должиник е Свети Николе со 15 милиони денари, а Пробиштип должи околу шест милиони денари и како што вели Илиевски овие две општини прават напори да ги намалат долговите.
ХС „Злетовица“ најсовремениот систем за водоснабдување
Во центарот на Пробиштип, каде што гордо стои споменикот на Злетовскиот рудар се наоѓа зградата на ХС „Злетовица“. Во неа е сместен и најсовремениот скада систем, за кој што вработените и инжињерите со гордост говорат дека целиот систем го гледаат на овие монитори, а на кој се гледа браната Кнежево и зафатите, од каде што петте општини треба да се снабдуваат со вода за пиење. Ова е единствениот систем во земјава, кој функционира на ваков сосвремен начин. Засега со кредит од Јапонија е реализирана првата фаза од проектот. Државата зеде кредит од јапонска „Џајка“ и ги изгради браната Кнежево и цевководите до петте општини.
Илиевски појаснува дека остануваат да се реализираат и фазите за наводнување на земјоделско земјиште и изградба на хидроцентрали за производство на електрична енергија. Кога ќе се реализираат овие две фази „Злетовица“ ќе биде комплетен хидросистем.
- Фаза два и фаза три во тек е изработка на проектна, техничка и тендерска документација. Изработката на оваа документација е финансирана преку грант од Европската инвестициска банка и нашите планови, ако се оди според планот треба да оди изработката на техничката документација да биде завршена до 31 декември 2018 година, вели Илиевски.
Со изградбата на втората фаза ќе се овозможи наводнување на 3.500 хектари во Општина Пробиштип и 1.000 хектари земјоделско земјиште во Општина Кратово.
-Додека фаза три, тоа е енергетика и е составен од шест хидроцентрали, три главни и три помали хидроцентрали. Вкупната инсталирана можност на шестте хидроцентрали е околу 10 мегавати, со предвидено годишно производство од околу 48 до 50 милиони киловат часови, рече Илиевски.
Изградбата на хидроцентралите ќе го реши и проблемот со матноста на водата во текот на периодите на дождови. Матната вода која пристигнува до Филтер станиците значи и поголеми трошоци за комунални претпријатија, кои мора да вложат повеќе средства за преработка на водата, за да пристигне до чешмите на домаќинствата.
-Со изградбата на хидроцентралите значи ќе се зема вода директно од браната Кнежево, која што веќе е изградена и е капитален објект во фаза еден и преку тој систем на цевководи директно од браната до зафат три, преку кој што се снабдуваат со вода Штип, Свети Николе, Лозово и Карбинци ќе доаѓа чиста вода за пиење од брана Кнежево, а преработена во електрична енергија претходно, вели Илиевски.
Остануваат уште десет години за исплата на кредитот кон јапонска „Џајка“
Првата фаза од ХС „Злетовица“ чини 100 милиони евра, од кои 30 милиони евра се од буџетот на државата, а 70 милиони евра се кредит од јапонска „Џајка“. До 2028 година државата ќе го исплаќа долгот кон „Џајка“ за овој капитален проект во источниот регион.
-Потоа, кога ќе се докомплетираат и другите две фази од ХС „Злетовица“, со што и ќе биде кредитоспособен да ги враќа своите обврски, тоа ќе значи и дека веќе од 2029 до 2038 година, овие средства, ние пак треба да ги вратиме во буџетот на Република Македонија, вели Илиевски.
Жителите на источниот регион ги чуствуваат климатските промени, преку земјоделството, недостатокот на вода за пиење, повлекување на подземните води, а токму ХС „Злетовица“ е систем, која на општините Штип, Пробиштип, Свети Николе, Карбинци и Лозово им гарантира нормално водоснабдување на домаќинствата и фирмите.
Викторија Димова Јовановска/МИА
Ново на Сител
-
Малолетник од Виница во „фолксваген кеди“ превезувал 9 мигранти
-
Предновогодишен концерт на оркестарот на Армијата со музичари од оркестрите на Вооружените сили на Франција, Унгарија, Италија и САД
-
Истрага за обид за убиство во Мирковци
-
Студија: Повеќето американски тинејџери се воздржуваат од алкохол, цигари и марихуана
-
Ѓуриќ за „Катимерини“: На крајот на 2026 година Србија ќе биде подготвена за членство во ЕУ
-
Украина: 1100 ракети беа истрелани врз нашата енергетска инфраструктура оваа година
-
Царината запленила 780 килограми тутун во поголема акција во Битола и Ресен | ФОТО
-
Нова акција на МВР во Арачиново, пронајдено големо количество оружје