Балкан
6. February 2016 - 18:09

Хрватската претседателка го смени директорот на разузнавачката служба

Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, го смени директорот на Агенцијата за безбедност и разузнавање, Драган Лозанчиќ и шефот на Бирото за национална безбедност, Ивица Панениќ, пренесе хрватската телевизија.

Претседателката лично му соопштила на Лозанчиќ дека ја нема нејзината доверба и дека е сменет заради прекршување на законот за системот за безбедност и разузнавање.

Таа,меѓутоа, не дала објаснување на кој начин Лозанчиќ го прекршил споменатиот закон.

Панениќ е сменет заради „необезбедување на работата од сферата на дејноста на Бирото“.

Хрватската Влада треба да се произнесе за решенијата на претседателката.

Хрватските медиуми сметаат дека Лозанчиќ може да е сменет затоа што не ја предупредил претседателката дека контактира со прислушкувано лице.