Христос се роди! - Православните христијани го слават Божик
Да ги замениме омразата и користољубивоста, одмаздата и себичноста со љубов, пожртвуваност, прошка и милост. Да се поправаме творејќи дела на благочестие, правдољубие и родољубие, оти Божиќ е ден во кој го добивме дарот над даровите, порача поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан на литургијата во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје, која се одржа по повод големиот празник Рождество Христово – Божик.
На божиќната литургија присуствуваа и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и претседателот на ВМРО ДПМНЕ. По завршување на литургијата, тие на граѓаните со православна вероисповед им го честитаа Божиќ, посакувајќи им здравје, радост и среќа.
Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше на божиќната литургија во манастирот Свети Леонтиј во Водоча кај Струмица.
Овој празник потсетува да се подготвиме, да направиме место во нашите срца, да го исполниме со радост и љубов, зашто радоста е темел на духовниот живот. Христос се роди, напиша Заев на својо ФБ профил.
Честитки по повод Христовото Раѓање – Божиќ испрати и претседателот на Собранието Талат Џафери.
- Нека овие денови бидат поттик за остварување на вредностите кон кои сите заеднички се стремиме, а тоа се слободата, еднаквоста и праведноста. Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник, Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите сограѓани кои го прославуваат празникот посакувам љубовта и мирот да ги исполнат Вашите домови со топлина, семејна среќа и хармонија, стои во четитката од првиот човек на Собранието.
-

Бранислав Јаневски
Сите содржини од овој новинар
