Македонија
30. November 2016 - 20:34

Груевски: Победата на 11 декември е загарантирана

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Виница одржа митинг на кој лидерот на партијата Никола Груевски истакна дека победата на 11 декември е загарантирана.

Со добивање 63 пратеници, рече тој, кризата нема да продолжи, а тоа ќе биде крај и на сите обиди на Заев и СДСМ да и го прават тоа што го правеа во изминативе две и пол години на Македонија. 

- ДИК го објави конечниот список на гласачи во кој бројот на гласачите се зголемува за пет илјади. Каде се сега фантомските гласови кои во изминатава една година СДСМ ги најавуваше и со кои ги лажеше граѓаните, рече Груевски.

Тој кажа дека неговиот опонент Заев е мошне среќен што албанската  дијаспора го прогласила за месија. - Но тој е еден измамник кој ќе остане во историјата. Разликата во победата ќе биде огромна, истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за реализираните проекти во изминатиот период и најави нови во повеќе области, посочувајќи ги проектите кои се планирани за во виничкиот крај во од програмата за наредните четири години.

Носителот на кандидатската листа за пратеници во Третата изборна единица од Коалицијата „За подобра Македонија“ Илија Димовски ги повика членовите и симпатизерите на партијата да покажат единство на 11 декември и дека ја сакаат Македонија како унитарна и целовита и заедно да го одбранат уставниот поредок на државата.

Зборувајќи за резултатите од вработувањето во изминатите десет години, откога е ВМРО-ДПМНЕ на власт, Димовски низ бројки направи паралела на вработеноста во Виница во 2006 година и денес.

- На крајот од нивниот мандат во Виница беа вработени 3.241 лица, а денес се вработени 4.689. Разликата е 1.448 нововработени -  лица кои одат на работа. Во Изборната единица 3 во нашиот мандат се вработени 34.046 лица, рече Димовски. 

Пред жителите на општината се обрати и Магдалена Манаскова, кандидат за пратеник од Виница, а зборуваа и Вели Мумин од Демократската партија на Ромите и Шабан Салиу од Демократските сили на Ромите како претставници на партии здружени во Коалицијата „За подобра Македонија“.

Присутните на собирот во Виница ги поздрави и Аксел Фишер од сестринската партија ЦДУ од Германија.