Македонија
2. April 2016 - 19:57

Груевски: Извештајот на Стандард и пурс потврда за добрите економски политики

Најновиот извештај на Стандард и Пурс е еден од најдобрите потврдувачи на добрите економски политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Извештајот го потврди стабилниот кредитен рејтинг ББ на Македонија, оцени денеска лидерот на партијата Никола Груевски.

- Се работи за мошне добар Извештај за нас во едни сложени политички услови на политичка криза. Се чини дека засега одличните економски политики ја победуваат политичката криза во Македонија иако таа има одредено мало влијание. Ние би имале уште подобар економски развој кога не би била политичката криза, но за многумина е изненадувачки како се успева во овој период и покрај политичките удари кои беа зададени во минатата година и пол врз економијата таа не само да се одржи туку и да расте повеќе од проектираното и во делот на економскиот раст и во делот на нискиот буџетски дефицит и во делот на странските инвестиции, изјави Груевски одговарајќи на прашање по промоцијата на нови 15 дела од проектот Врвови во светската историја, филозофија, психологија со психоанализа во Археолошкиот музеј во Скопје.

Тој посочи дека Стандарт и Пурс забележуваат дека земјата има изградено одлични услови за водење бизнис што е една од сериозните предности на државата и оти генерално се водат добри економски политики.

- Извештајот укажува дека растот на економијата минатата година беше поголем од проектираното на сите релевантни меѓународни институции вклучувајќи ја и Владата. Напоменува дека растот се должи главно на технолошко-индустриските развојни зони, што всушност значи на привлекувањето странски инвестиции во земјата кои, пак, имаат позитивно влијание и на домашните инвеститори бидејќи стануваат нивни соработници, добавувачи, партнери..., оцени Груевски

Тој потенцира дека во Извештајот како втор значаен фактор за поголемиот развој ги посочуваат јавните инвестиции во патишта, енергетски проекти, железница, болници и други инфраструктурни проекти во кои инвестира Владата.

- Значајно во Извештајот е што се укажува дека буџетскиот дефицит е одржлив. Тоа значи дека имаме стабилност во однос на задолжувањето, односно кажуваат дека буџетскиот дефицит беше согласно планираното дури и нешто под планираното и дека е одржлив. Забележливо е дека предвидуваат оти во иднина се повеќе економскиот раст ќе се потпира на соработката на домашните со странските инвестиции, рече Груевски.

Потенцира дека се поголемото присуство на странските инвестиции ќе стане многу силна поткрепа за домашните компании и домашните инвестиции што ќе стане една од главните движечки сили на економијата.